Со Договорот од Преспа и со ратификацијата во двете земји е затворен 25-годишен проблем и тој е трансформиран во стабилно пријателство кое треба да биде мотивација и инспирација за сите на Западен Балкан и во ЕУ, изјави денес премиерот Зоран Заев, на состанокот со Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

Паралелно со овој процес Владата, посочи Заев, работеше напорно на клучните реформски области кои ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година, односно реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба со криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација.

-Имплементацијата на законите и практикувањето на вредностите на поделба на власта, владеење на правото и борба против корупцијата ќе докажат дека во Македонија работите навистина суштински се менуваат и дека Македонија заслужува да ги започне преговорите во јуни 2019 година. Денес судството е далеку понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата информираше дека девет поглавја од преговарачкиот процес се опфатени и поминати низ заедничките објаснувачки подготвителни состаноци со Европската комисија, и дека оваа фаза дава значајна подготовка за преговорите кои следуваат.