Премиерот Зоран Заев се сретна со делегација од пратеници од албанскиот Парламент, предводена од претседателката на Комисијата за надворешни работи, Мими Кодели.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата била изразена силна поддршка за политиките на премиерот за развој на државата и градење пријателства со соседите.

-Ние покажавме дека со позитивните промени и лидерства, се менуваме како држави во регионот и низ политиките на изнаоѓање решенија, на пријателства и на соработка, имаме што да ѝ дадеме на Европа и дека сме дел од Европа. Ќе ја продолжиме динамиката на регионалната соработка со насочување на институциите поактивно да соработуваат и низ олеснувањата на процедурите за премин на граничните премини. Да продолжиме со реформите, посебно во правосудството. Парламентите се многу важни во носењето позитивни одлуки за граѓаните – нагласил премиерот на средбата.

На средбата се разговарало за реформите во правосудството и за можноста за размена на искуства со цел ефикасни правосудни системи, а исто така било констатирано дека добрите односи меѓу премиерите на двете држави придонесуваат во унапредувањето на правата на македонското национално малцинство во Албанија.