По синоќешната средба на партиите поддржувачи на Договорот со Грција и успешност на претстојниот референдум, приемирот Зоран Заев очекува поддршката да расне и да се проширува коалицијата „Заедно за европска Македонија“.

– Смислата на оваа коалиција е да се создаде движење за сите кои се за успешен референдум, да ги поканиме граѓаните да гласаат за европска Македонија, за иднината и да дадат поддршка на интегративните процеси на Македонија во НАТО и ЕУ, поддржувајки го Договорот со Грција – изјави денеска премиерот Заев, одговарајќи на новинарски прашања во Владата.

Посочи дека е предвидено кампањата да се води полабаво и да биде привлечна и пријатна за граѓаните. Им се извини на партиите кои вчера не биле поканети и истакна дека е оставена можност за приклучување и на други партии.

– Сите ќе бидат поканети. И други помали политички субјекти да се приклучат. Би сакал и би било убаво ако Македонија целосно биде обединета околу оваа кампања и затоа повикот за приклучување останува отворен целосно, дури и до опозицијата. Ако сме сите за НАТО и ЕУ ќе дадеме придонес за успешност на референдумот и во поглед на гласањето „за“, но и за постигнување на цензусот односно над 900 илјади гласачи кои сакаме да ги мотивираме да излезат на референдумот – нагласи Заев.

Според Заев, создавањето на ова движење значи рационализација на средствата. Осумдесетте милиони денари кои му се дадени на Парламентот како надлежен за отварање на постапката за референдум ќе бидат распределени согласно вкупниот број на мандати и кој, како се определува „за“ или „против“.

– Тие пари не може да ги користат политичките партии. Тоа ќе бидат кампањи од едукативен карактер кои ќе ги приближат вредностите на НАТО и ЕУ кон граѓаните, но и деталите од Договорот со Грција. Од тој аспект многу мали политички партии не ќе мора да трошат средства затоа што преку самата кампања ќе бидат покриени од централниот штаб, односно од заедничките ресурси на политичките партии – појасни премиерот Заев.

За денеска во 14 часот во Клубот на пратениците, премиерот Заев ќе го најави и почетокот на кампањата за референдумот што треба да се одржи на 30 септември. Освен Заев, најавено е обраќање и на претседателот на ДУИ Али Ахмети и на актерката Сабина Ајрула.