Претседателот на Покраинскиот парламент на германската сојузна покраина Хесен, Борис Рајн попладнево на специјална церемонија им ја додели Хесенската наградата за мир за 2020 на премиерот Зоран Заев и на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.

Заради пандемијата со ковид-19, наградата за мир од Хесен на Фондацијата Алберт Освалд, оваа година се додели за прв пат во дигитална форма.

Премиерот Зоран Заев својот дел од наградата во висина од 25.000 евра го донира во Солидарниот фонд (Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот ковид-19).

Од владината прес служба, нагласуваат дека меѓу лауреатите на оваа, како што велат, многу значајна награда е и Далај Лама.

– Со Хесенската награда за мир, ние им оддаваме чест на две лица кои водеа кампања за мир и меѓународно разбирање и кои успеаја да решат конфликт што влече корени длабоко во историјата. Како тогашен грчки премиер и премиер на Македонија, двајцата постигнаа договор во повеќедеценискиот конфликт меѓу нивните земји Грција и Македонија околу името ‘Македонија’. Постигнаа вистински дипломатски подвиг што никој досега не го сторил. Не постои само правото на најсилниот. Дури и во денешниот свет сè уште постои патот на почит и компромис, патот на мирот и стабилноста. И со тоа, победниците не направија ништо помалку од тоа да го продолжат европскиот пат на одличен начин без да мора да се откажат од националниот идентитет – рече претседателот на покраинскиот парламент, Борис Рајн.

На доделувањето се обрати и продесорот Никол Дајтелхоф.

– Tие ја загрозија нивната политичка кариера и мораа да преговараат за бројни компромиси и отстапки во рамките на нивните парламенти. Договорот е поврзан со надеж за добра соработка и партнерство меѓу Северна Македонија и Грција. Решавањето на споровите е пример за помирување на регионот и Европа како целина – рече професорот Дајтелхоф.

Хесенската награда за мир се доделува од 1994 година, а ова е листата на нејзините досегашни добитници:

1994 Маријана Хајберг-Холст, Норвешка
1995 Џон Хјум, Северна Ирска
1996 Грегорио Роза Чавез, Салвадор
1997 Ханс Кошник, Германија
1998 Александар Лебед, Русија
1999 Џорџ Ј. Мичел, САД
2000 Марти Ахтисари, Финска
2001 Макс фон дер Стоел, Холандија
2003 Лахдар Брахими, Алжир
2004 Ханс Бликс, Шведска
2005 Неговата Светост 14-ти Далај Лама
2006 Даниел Баренбоим, Израел
2007 Кристијан Шварц-Шилинг, Германија
2008 Сем Нан, САД
2009 Деха Ибрахим Абди, Кенија
2010 Исмаил Хатиб, Палестина
2011 Садако Огата, Јапонија
2012 Елизабет Декри Варнер, Швајцарија
2013 Д-р Мухамед Ашафа и д-р Џејмс Вује, Нигерија
2014 Рубем Сезар Фернандес, Бразил
2015 Ела Михајловна Полјакова, Русија
2016 Федерика Могерини, Италија
2017 Карла дел Понте, Швајцарија
2018 Проф. Шебнем Корур Финканчи, Турција
2019 Д-р Абиј Ахмед, Етиопија