Премиерот Зоран Заев телефонски разговараше со претседателот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис и му ја честиташе победата на изборите, со што стана новиот премиер на Грција.

– Имав телефонски разговор со господинот Мицотакис, претседател на Нова демократија и нов премиер на нашиот сосед и пријател, Грција. Му честитав за победата на изборите и посакав просперитет и благосостојба на нашиот сосед Грција и на грчкиот народ. Заеднички изразивме надеж за продолжување на соработката меѓу Северна Македонија и Грција, во очекување на нашата прва средба како премиери – објави Заев на Фејсбук.

Македонскиот премиер за време на разговорот ги потврдил позициите дека Грција е наш стратешки партнер со којшто развиваме соработка и градиме трајно пријателство и изразил благодарност за поддршката којашто од нашиот сосед ја добиваме за членството во НАТО и за почетокот на преговорите со ЕУ”.

Во разговорот упатив признание и честитки за успешните демократски избори со кои Грција уште еднаш покажува дека е водечка земја во регионот, како најсилна и најстабилна демократија, долгогодишна членка на ЕУ и НАТО, што придонесува кон стабилноста и развојот на регионот – напишал првиот човек на македонската влада.

Зоран Заев упати голема благодарност и до досегашниот премиер на Грција и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, за соработката и поставувањето на темелите на трајното пријателство меѓу двете земји и основата за еден нов Балкан од кој зрачи мир. Тој дополнително ја поздрави и храброста со која двајцата лидери се вложиле заеднички да го решат спорот кој 27 години ги попречувале билатерелните односите двете држави и народи.