Претседателските кандидати на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски, со митинзите во главниот град, викендов ја заокружија втората седмица од кампањата пред првиот изборен круг. Иако до гласањето в недела на 21 април остануваат уште пет дена, само уште три дена кандидатите ќе можат ефективно да ги искористат за претставување пред гласачите, по што започнува вообичаениот изборен молк. Дали и колку кандидатите ја искористија шансата да ги убедат гласачите, останува да се види, но она што, според општиот впечаток, но и според оцените на експертите, досега беше видливо, е дека партиските лидери, Христијан Мицковски и Зоран Заев, им зедоа голем дел од времето предвидено за претставување, како и дека во обраќањата помеѓу двете страни доминираа квалификациите оти тие се само продолжена рака на центрите надвор од земјава. Поточно дека на собирите што ги организира ВМРО-ДПМНЕ се зборува по налог од Будимпешта, каде што престојува поранешниот партиски лидер Никола Груевски и обратно, дека активностите и обраќањата на собирите во организација на СДСМ се диктираат од Атина.

Токму за аналитичарот Милан Стефановски интересен е фактот што на митинзите, од за него непознати причини, во говорите на кандидатите се споменуваат центрите во Будимпешта и во Атина и се повика на некакви диктати од поранешни лидери и премиери на туѓи земји. Тоа, според Стефановски, говори дека претседателските кандидати, иако се претставуваат како натпартиски лица, сепак се „хранат“ од домашната политичка кујна, наместо да зготват нешто самостојно.

– Во говорите на двајцата кандидати за претседател од македонскиот блок, Сиљановска и Пендаровски не можеше да се забележи ништо ново и иновативно по што ќе се запаметат нивните настапи пред граѓаните. Од она што можеше да се види, нивните лидери имаа поспектакуларни настапи бидејќи граѓаните повеќе ги запаметија нивните излагања отколку на кандидатите за претседател. Тоа укажува дека и двајцата односно тројцата претседателски кандидати не се самостојни и натпартиски како што се претставуваат и дека се само извршители на политиките на нивните лидери, односно на партиите што ги поддржаа во нивната кандидатура.

Ваквиот развој е лош за демократијата во земјава бидејќи со ова се докажува дека и покрај сѐ Македонија не созреа политички, ниту пак државнички, за да успее да ја оттргне функцијата претседател од партиските спреги – заклучува Стефановски.

Инаку, на централните митинзи Сиљановска-Давкова особено го акцентира тоа дека е време Македонија да добие жена за претседател, Пендаровски за свој адут го сметаше тоа што е прв кандидат поддржан од партии на сите етнички заедници во земјава. Претставниците на владејачките партии на митинзите се фалеа со реформите што ѝ го обезбедија местото на земјата на масата на НАТО и ги подгреваа очекувањата за добивање почеток на преговори со ЕУ во јуни, додека опозицијата тврдеше дека на Македонија ѝ се потребни радикални реформи за да не остане закопана во транзицијата.