Денеска во 14 часот, во Клубот на пратеници, се очекува повторно да се сретнат премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши на која ќе се договараат детали за можен влез на партијата во Владата и за обнова и зголемување на парламентарното мнозинство на оваа власт.

Од Алтернатива вчера ги демантираа написите во некои медиуми дека Гаши од Заев барал три министерски и едно вицепремиерско место. Лидерот на Алтернатива Африм Гаши имаше средба со премиерот Зоран Заев на 19 ноември.

Во кусото владино соопштение издадено по средбата беше кажано дека начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата и дека консултациите за кадровските решенија се во тек. Тогаш беше најавено и дека по консултациите во партиите ќе следи и нова работна средба со тимовите.

На досегашните две средби Заев беше придружуван од заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, а лидерот на Алтернатива Гаши од партискиот генерален секретар Беким Сали.