Создавањето на нашата држава беше остварување на вековниот стремеж на граѓаните во Македонија за своја држава, а Институтот за национална историја – прва научна установа која имаше цел да ја истражува, проучува и да ја пишува нејзината историја. Силна е таа симболика и врска на Институтот со македонската државност, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето вчеравечер на свечената академија во МАНУ по повод 70 години од основањето на Институтот за национална историја (ИНИ).

ИНИ е и чувар на колективната меморија, рече Заев, која им дава на луѓето чувство на припадност, а историскиот континуитет остварен во средиштето на Балканот, како крстопат на цивилизациите, на народот на овие простори му го дава и паметењето на сите епохи кои оставиле траги на оваа територија.

Според премиерот Заев, инсистирањето на етничките, на верските и на јазичните разлики и непочитувањето на сличностите произлезени од одредени периоди од историјата, доведува до стереотипно сфаќање за посебноста на историјата на секој од народите поодделно. Затоа, според него, треба да остане отворена можноста историјата да се согледува не од статична, застарена позиција, која застапува само една и единствена историска вистина, туку да им овозможи дијалог на различните погледи со световите со кои се споделувало заедничкото минато.

– Секоја земја и секоја генерација треба да го знае и да биде свесна за сопственото минато, но тоа не треба да се прави со промовирање митови или со користење политички мотивирани толкувања на историјата за напад на другиот, или на противниците. Свежи се лекциите и искуствата од современата историја што не подучуваат дека треба да се воздржиме од злоупотреба на историјата за политичко профитирање. Единствениот начин да се справиме со употребата на минатото во политички цели е да се соочиме со тоа, да разговараме за тоа, да ги објасниме и разбиеме митовите ако тие се пречка за иднината – рече Заев во обраќањето.

Тој ја поддржа подготвеноста на Институтот да организира важен меѓународен научен симпозиум, што е извонредна можност да се соочат историографските дилеми, како и да се побара одговор на научните предизвици во денешниот динамичен развој на регионот и на севкупната цивилизација.

– Современата историографија треба да биде во чекор со времето, со научната вистинољубивост, но и со етичките хуманистички стандарди. Сите историографски книги, тргнувајќи од еден чесен и принципиелен однос кон проучувањето на минатото, треба да имаат пристап кон историјата за таа да им служи на животот и на иднината, а не на поделбите и омразите – истакна претседателот на Владата, посакувајќи им на присутните научници понатамошна плодна долгогодишна успешна работа во областа на историската наука.