Премиерот Зоран Заев очекува да се разреши Стојко Пауновски, бидејќи смета дека има основа за тоа. Ова доаѓа откако претходно Пауновски одби да вработи 35 „рамковни“ административци, бидејќи сметаше дека тие не исполнуваат услови согласно систематизацијата.

На ова, одговори Заев кој јавно му испрати порака и рече да не дава отпор. Пауновски отиде чекор понатаму и кажа дека е разочаран од изјавата на премиерот. Премиерот смета дека Пауновски со изјавите го понижил него, но и Артан Груби како прв вицепремиер.

– Секој ден да се препукувате со потпретседателот на Владата, гледам сега со претседателот на Владата, во време во кое живееме според мене е недозволиво. Не очекувам да биде даден предлог за негово разрешување и тоа од Љупчо Николовски. Не можете да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените, за нешто што е толку транспаретно, воспоставено на одлични основи, искрени основи, за институциите да дадат одговор. Ако нема систематизирано место или не може да се систематизира, не мора да биде примено на работа и слично. Минаа месеци и години, се плаќаат луѓе за ништо. Самиот податок кој го имам, во ред е да го соопштам. 1.349 се бројот на лицата, 1.182 прифатиле распоредување, 38 одбиле, 13 одат на трансфер листа. Сите тие граѓани се наши граѓани. Земале плата, не работеле ништо. Секој ден да водите полемика со претседател на Влада, е пркос кој не е дозволен. Хиерархијата треба да функционира. Стојко Пауновски ми е пријател, но станува збор за принцип. Сметам дека има основа за негово разрешување. Очекувам службите да отворат постапка – рече Заев.

Претходно, Пауновски објасни дека одбил вработување на „рамковните“ административци бидејќи според систематизацијата на Државниот пазарен инспекторат, тие не ги исполнувале критериумите. Тој побара „рамковните“ кои и се доделени на институцијата со која раководи, да ги земе друга, каде ќе можат да работат спроед образованието.