Македонија е позитивен пример на Балканот и ја има поддршката од европските земји и еврокомесарот Јоханес Хан за реализација на Договорот од Преспа и евроатлантските интеграции, изјави премиерот Зоран Заев по самитот на шефовите на влади на земјите-членки на Централноевропската иницијатива што се одржа во Загреб.

Заев го оцени самитот како добра можност за Македонија да го повтори своето очекување за поддршка од земјите пријатели, за членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.

– Ја побаравме поддршката од земјите-членки за процесите во ЕУ и во НАТО. Македонија се истакнува во позитивно светло во градењето пријателство, добрососедските односи, реформите и очекувањата се дека преку Македонија ќе продолжи проширувањето – рече премиерот Заев.

Во одговор на новинарско прашање, Заев рече дека во Загреб немал средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој синоќа присуствувал на вечерата што ја организира хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, но оти не останал на денешниот самит.

– Во следната пригода ќе го искажеме очекувањето за одговор на барањето екстрадиција на Никола Груевски, бидејќи тој, според меѓународните конвенции и законите, мора да ја отслужи својата казна во Република Македонија – рече премиерот Заев.