Фото: Игор Бансколиев

Предлогот е на 31 октомври да се одржат локалните избори за да не се совпадне кампањата со пописот, истакна премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања.

Тој појасни дека сите политички партии треба да се изјаснат во однос на овој предлог, па ако се согласат, тоа ќе биде вградено во Изборниот законик.

Заев истакна и дека во однос на отворените листи постигнат е договор со поголемите партии.


ВМРО-ДПМНЕ: Локалните избори треба да се одржат на средината на октомври

Во согласност со Уставот, локалните избори треба да се одржат до средината на октомври, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако претходно денеска премиерот Зоран Заев предложи изборите да се одржат на 31 октомври, со цел кампањата да не се совпадне со пописот.

– Уставот е над сѐ и во оваа држава Заев треба ја прекине праксата на кршење на Уставот на Република Македонија, кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот што Заев го нуди како можен за локалните избори – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, тоа што Заев денес изнесува датум за одржување на изборите, без претходна консултација со другите политички партии, уште еднаш го потврдува фактот дека тој стравува од одржување на локалните избори и бара начин да ги одложи.

Ако неговиот аргумент е одржувањето на пописот, велат од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш Заев може да го одложи пописот за ноември и со тоа ќе се почитува Уставот.