Премиерот Зоран Заев попладнево во Сараево имаше тет-а-тет средба со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ со кого заеднички оценија дека билатералните односи добро се развиваат за што говорат честите средби на високо политичко ниво.

– Претседателот на Владата, Заев и претседавачот со Советот на министри, Звиздиќ заеднички констатираа дека напредокот на Република Македонија, за само една година, од режим во демократска држава со евро-атлантска иднина е реален пример, како ако се има политичка волја, има решенија за секое билатерално прашање, а државата може да се развива. Ова е поттик за земјите од регионот за нивниот индивидуален напредок, што води и кон колективен регионален напредок во евро-интегративните процеси- се вели во соопштението од прес- службата на македонската Влада.

Претседавачот со Советот на министри на БиХ му честитал на премиерот Заев за донесените лидерски одлуки со кои и се отвара патот на Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ и покана за членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата.

– Се зафативме за сериозни реформи и се посветивме на градење добрососедски односи врз база на доверба и грижа едни за други. Така станаа возможни договорите со Бугарија и со Грција, низ заеднички напори, како и реализацијата на Планот 3-6-9 со клучните реформски приоритети. Отворените врати за Македонија од ЕУ и НАТО се дополнителен мотив, уште поенергично, како Влада и како општество, да ги сработиме сите домашни обврски, пред се во делот на правосудството и воспоставувањето правна држава. Граѓаните на Македонија ќе живеат подобро и ќе бидат посреќни, а тоа го посакуваме за граѓаните на целиот регион- истакнал Заев.

На средбата биле разменети мислења и за можностите за унапредување на соработката, како и за реализација на идејата за воспоставување авио линија меѓу двете држави.