Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека тој и потаму ќе соработува со Радмила Шекеринска по најавата дека таа нема да се кандидира за трет мандат на позицијата заменик-претседател на партијата.

– Јас ја почитувам. Таа е една од најзаслужните за нашето членство во НАТО, за кандидатскиот статус со ЕУ, за добиената одлука за почеток на преговорите со ЕУ, но и за многу процеси во државата важни за граѓаните. Знам дека ќе продолжиме понатаму да соработуваме, таа е мој другар или другарка, без разлика каде ќе се најде во иднина – во СДСМ или во општеството – изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на информациите дека Шекеринска се дистанцирала од него, Заев вели дека за него таа е и останува близок соработник.

– Мислењето на Радмила за Зоран Заев може да го каже Радмила и немам сомневање какво мислење со мене ќе сподели поради тоа што работиме секој ден за милион предизвици. Дефинитивно, имаме уште многу што заедно да работиме во животот – вели Заев.

Тој отфрли секаква поврзаност на случајот со Рашковски со Шекеринска нагласувајќи дека една од главните заложба на Владата е законот да важи еднакво за сите.