Носењето на законот за јавно обвинителство ја гарантира европската иднина на државата. Секое попречување на овој процес значи бегање од правдата и оддалечување од Европската Унија. Да покажеме вистински демократски капацитет за градење на силни и независни институции, кои ќе се борат против криминалот и корупцијата – порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев на Фејсбук, во пресрет на новата средба на работните групи за постигнување консензус околу законот, за кој се апелира да биде усвоен пред да се распушти парламентот.

По дводневната јавна расправа, Министерството за правда останува на ставот  опозицијата да не го предлага Републичкиот јавен обвинител, но прифаќа подобрување на постапката. Министерката Рената Десковска најави уште еден обид за постигнување консензус, но тоа да не значи прекинување на предметите на СЈО.

Министерството за правда повторно ќе треба да се сретне со пратеничките групи заради усогласување на законот. Дескоска на прес-конференција рече дека нема да дозволат да се блокира процесот на носење на законот и оти ќе се обидат да закажат средба со пратеничките групи во поширок формат. Таа изрази надеж дека ќе учествуваат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Во Собранието изминативе денови се одржа јавната расправа за законот за Јавното обвинителство, во организација на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар завчера порача дека земјава треба да продолжи со реформите во клучните области и дека новиот закон за Јавното обвинителство ќе биде донесен пред да се распушти парламентот.