Фото: Маја Јаневска-Илиева

По средбата со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јохнес Хан, премиерот Заев истакна дека периодот кој преостанува до октомври треба да го искористиме за потврда дека се работи на состојбите во правосудството.

– Ни претстои работа и овој вакуум период треба да го искористиме да покажеме дека работиме на подобрување на системот на правосудството и она што е клучно да се усвои Законот за јавно обвинителство. Да донесеме закон што нема да амнестира никој, ниту власта, ниту опозицијата. Претстои работа и очекувам до крајот на август или почетокот на септември да го изгласаме законот – истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека земјава имала задача до јуни да испорача резултати во 4 области – правосудство, јавна администрација, безбедносен систем и борба со криминал и корупција. Истакна дека државата била успешна на патот на реформите, како и дека континуирно работи на нив.

– „Рекет“ е конкретен случај за борба против криминалот. Таа истрага треба да биде завршена да крај, без разлика до кој ќе води – дали до политичар, лидер на партија или сопственик на медиум. Ова не е важно само за ЕУ, туку поважно е за нас дома. Граѓаните треба да бидат сигурни дека владеењето на правото важи за сите – рече Заев.

Премиерот посочи и дека треба да се изнајде начин за ветинг, односно проверка на сите носители на јавни функции.