Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Зоран Заев вчера по средбата со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин изјави дека разговарале и за случајот со руските комичари и дека тоа нема да влијае на односите со Руската Федерација, а соработката ќе продолжи.

– Дефинитивно заклучивме и двајцата дека ова е во сферата на приватни дејства и така е и претставено во јавноста. Пријателството секако останува. Наша обврска е да го надградуваме и да расте. Работиме на нови економски проекти. Верувам дека и трговијата ќе расте со Руската Федерација. Модерните технологии можат некој пат да направат вака непријатни чувства, но земјите мора да го унапредуваат пријателството – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Прашан дали руските власти ќе преземат нешто во врска со случајот, Заев рече дека ниту во нашето ниту во руското законодавство постојат одредби за ограничување на ваквите случаи.

– Дефинитивно е потребно конечното да ги унапредиме нашите безбедносни протоколи и да внимаваме секогаш кога разговараме тоа да биде проверено. Само на тој начин ќе можеме да го избегнеме тоа – истакна премиерот.

Заев потврди дека вчера телефонски разговарал со косовскиот претседател Хашим Тачи и дека му се извинил за дел од содржината на објавените снимки од страна на руските комичари, доколку тоа му предизвикало непријатни чувства и оти се договориле соработката меѓу двете земји да продолжи.