Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европа има проблем. Големата идеја за обединета Европа денес има проблем. А проблемот е самата ЕУ. Брисел ни порача дека ЕУ не успеа да најде начин да ја обезбеди заслужената интеграција на Западен Балкан. Е тоа е проблемот. Ние остануваме посветени и не се откажуваме. Наша цел е европските вредности да ги донесеме до крај. Не е членството само поради членството во ЕУ, рече премиерот Зоран Заев, обраќајќи се заедно со албанскиот премиер Еди Рама на маргините на Скопскиот економски форум.

Тој наведе што сторила Македонија за унапредување на соработката со Бугарија.

– Ние во Бугарија потврдивме дека со обврската од португалското претседателство да доставиме патоказ, а во него се преземени обврските од двете страни, со конкретни датуми и институции, во сите области за унапредување на соработката. Го утврдивме интензитетот на работа на историско-образовната комисија. Потврдивме дека Северна Македонија е исто како Република Северна Македонија и тоа нема никакви импликации и територијални претензии кон соседите, а Северна Македонија се однесува на државата. Потврдивме дека не само што не се мешаме во внатрешните работите на земјите, обострано не се мешаме ниту во малцинските права. Усвоивме декларација за јакнење на пријателските врски и конекции – објаснува Заев.

Премиерот посочи дека за македонскиот јазик, како и за македонскиот идентитет, не се дискутирало, ниту ќе се дискутира.

– Да, имаме два слично но различни и меѓународно признати јазици. Да, двете земји веруваме дека имаме заедничка историја и да, потврдуваме дека постојат луѓе кои веруваат дека сме припадници на ист народ, како што постојат и многу други луѓе кои сметаат дека сме засебни и посебни како народи. Сето тоа не повикува да се поддржуваме во процесите кои доаѓаат. Не го отворивме прашањето на нашиот идентитет и нашиот македонски јазик. Драго ми е што правото на идентитет не е на маса и нема да дозволиме да биде на маса. За идентитетот наш македонски и македонскиот јазик не се дискутира – додаде Заев.