Оваа Влада е стопроцентно определена за членство во НАТО и ЕУ и тоа така и ќе остане. Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски ги има коригирано своите ставови и ако денеска го прашате дали е за НАТО и за ЕУ, ќе ви каже дека е за НАТО и за ЕУ.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање за поранешни ставови на Рашковски за НАТО и ЕУ, посочувајќи оти во демократијата секогаш може да се изрази одредено несогласување и спротивставување за одредени состојби.

– Знам дека еден од авангардата тука во Владата кои се про НАТО и ЕУ заради тоа што увидуваат и во секојдневното функционирање кои се придобивките, е токму и генералниот секретар Драги Рашковски – рече Заев.

Животот низ годините, потенцира, некогаш предизвикува разочарување во одредени работи.

– Имавме ние бомбардирање на соседи овде од НАТО, имавме акции кои некој пат некој поединец не се согласувал со НАТО. Но, со генералните политики на НАТО апсолутно стоиме на иста линија и верувам дека е голема чест да бидеме 30-та членка на НАТО, имајќи во предвид дека 193 земји се само членки на ОН, а ние наша Македонија онолку колку што е голема ја добива конечно таа чест да стане членка на НАТО со испорачана покана и официјално за полноправно членство – изјави Заев по потпишувањето на Спогодбата за повисоки плати во здравството.