Фото: Маја Јаневска-Илиева

Договорот за пријателство и добрососедство донесе многу позитивни придобивки за Северна Македонија и за Бугарија и стави крај на еден систем, кој ги труеше односите меѓу двете земји. Историските факти во врска со нашата заедничка историја се јасни и од тоа нема бегање. Комисијата треба да си ја заврши работата за што има поддршка од мене и од Бојко Борисов, вели премиерот Зоран Заев во интервју за БГНЕС.

– Бугарија може многу да ни помогне во процесот на европска интеграција и веќе многу ни помага. Таа беше прва што се бореше со Европската комисија за да добиеме датум за почеток на преговорите. Бугарија го сподели целото свое искуство од процесот на пристапни преговори. Таа беше една од првите земји што го ратификува Протоколот за членство во НАТО. Бугарија го покажа своето пријателство. Верувам дека и ние го покажуваме истото – наведува Заев.

Договорот, според него, стави крај на системот, кој беше воспоставен по 1945 година, и со децении ги труеше билатералните односи.
– Во двете земји постојат структури, кои не се радуваат на она што се случува, тие се дел од минатото, а постојат и структури, кои повеќе се ориентирани кон исток – вели премиерот Заев.

Во врска со настаните од историјата и нивното заедничко одбележување, Заев очекува мешовитата експертска комисија да ја продолжи работата и наскоро да има резултати за спорните прашање.
– Веќе е постигната согласност за некои значајни историски личности – светите браќа Кирил и Методиј, свети Наум, св. Климент, цар Самуил. Ние го потпишавме договорот, градиме пријателство, соработка и добрососедство. Во еден таков контекст, комисиите треба само да го надградат тоа – рече премиерот Заев, додавајќи оти е убеден дека комисијата во септември ќе постигне резултати за отворените прашања.
Премиерот се осврнува и на улогата на Бугарската православна црква во решавањето на проблемот со статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

– Бугарската православна црква презеде смели чекори во однос на нашата Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Бугарските епископи ги посетуваат македонските цркви, а македонските епископи – бугарските. Нашите граѓани, кои се верници, гледајќи дека добро соработуваат, го поддржуваат ова пријателство – истакнува Заев.

Тој посочува дека во последните две години е постигнат голем напредок во трговијата и соработката во културата. За инфраструктурното поврзување и Коридорот 8, Заев вели дека е неповратен процес и оти македонската страна работи многу активно на тоа.