На македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Берлин му беше врачена наградата за човекови права за 2020 година што ја доделува Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Во своето обраќање по овој повод премиерот истакна дека се чувствува благодарно и скромно примајќи ја престижната награда, додавајќи дека парите од истата ќе ги донира во државниот солидарен фонд во борбата против ковид-19.

– Оваа награда која е создадена на иницијатива на високо почитуваните Карл и Ида Фејст и која е инспирирана од нивната долгогодишна борба и поддршка за правата на работниците и нивното движење е комплементарна со мојата лична филозофија – живот за сите, еднаквост за сите, дијалог пред сѐ , конфликт никогаш – порача Заев.

Потоа премиерот за задржа на развојот на неговата политичка кариера и нагласи дека имало период кога од државата која биле првенец во регионот на Западен Балкан во евро-интеграциите, била сведена на темен вилает на неколку локални моќници.

– Она што сакам да го предочам е дека ретко кој дигаше глас против овој темен процес. Како и многупати низ историјата, јас би рекол како од калап вадени диктатори кои се благи на збор, а силни со тупаницата успеаја да направат тектонско поместување и да ја искористат националистичката реторика, за да креираат херметички затворено општество. Затоа во 2016 излеговме на улиците. Сите политички чинители, сите желни за слобода на мисла и говор, сите на кои им беше доста од автократијата и самопрокламираната олигархија, рекоа „не“ – посочи премиерот во своето обраќање.

Потоа тој направи осврт на изминативе четири години.

– Најпрво моравме да ја ослободиме државата од стегите на партизацијата и да донесеме професионализација, процес кој е болен и трае и ќе трае се до конечна слобода. Понатаму, се соочивме со огромни социо-економски предизвици. Ја реструктурираме економијата со нов иновативен и инклузивен поглед. Сега се соочуваме со планетарна криза – коронавирусот. Но, ние сме мали ама жилави. Имаме одличен план кој го реализираме во борбата, не само со вирусот туку и со сите импликации кој тој ги носи – истакна Заев.

Тој потсети, како што рече и на двата клучни договори кои ги постигнавме со нашите соседи.

– Историјата ја искористивме како алатка за градење на иднината. Човековите права и правото на самоопределување на секој еден граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото.

Затоа, непобитен е фактот дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност – нагласи премиерот.

На крајот, тој ја посвети наградата, на како што кажа, сите генерации кои ја граделе и градат државата.

– Борбата за демократија, општествена и економска правда не е конечен чин. Таа е постојана, се менува, се прилагодува, учи и секогаш без разлика на тоа колку некој ќе ја потисне – излегува на површина – истакна македонскиот премиер Заев.