Премиерот Зоран Заев ја поздрави одлуката на опозицијата повторно да се вклучи во работата на парламентот. Според него, така ќе има функционална демократија и тоа е минимум нешто што граѓаните на Република Македонија го очекуваат. Оцени дека дијалогот со опозицијата се движи во добар прaвец.

– Работните групи работат и голем дел од законските решенија се усогласени, а некои веќе се и комплетно усогласени. Тоа значи дека очекувањата се дека до 17 април до извештајот на ЕК да ги донесеме законските решенија во парламентот. Претседателот на Собранието ми рече дека планира на 10 април нова седница на која ќе бидат на дневен ред овие решенија, кои се дел од пакетот 3-6-9 и се дел од севкупните реформи во Македонија и се веќе усогласени со опозицијата – рече Заев. Запрашан за најавите за интерпелација на Владата и барањето на опозицијата оваа точка да биде ставена пред седницата за реформските закони, Заев кажа дека верува оти ќе се најде време и за потребите на опозицијата и за реформите.

– Секако нивно право е да се поднесе интерпелација на Владата, но истовремено мораме да водиме грижа и за самите закони да се донесат до предвидениот рок, затоа што не би сакале на ниту една земја-членка на ЕУ да ѝ оставиме причина за изговор за што било кога веќе ги имаме усогласено законите. Јасно е дека постои скоро комплетен консензус во парламентот да се донесат ваквите решенија – рече премиерот. Во врска со информациите за разговори за проширување на парламентарното мнозинство, Заев рече дека разговара со пратеници, дел се од партиите на Албанците, а дел од помалобројните други етнички заедници во Република Македонија. Изрази надеж дека владејачкото мнозинство ќе успее да го зголеми бројот на пратеници што ќе значи стабилност на парламентарното мнозинство и на владините политики во време, како што кажа Заев, кога се очекува решение за спорот за името, датум за почеток на преговори со ЕУ, поканата од НАТО…

Заев кажа дека е оптимист дека парламентарното мнозинство ќе се прошири, посочувајќи дека разговара со пратениците на поделената Беса, која според премиерот има блиски ставови со оние на власта, потоа со ДПА, која со своите еден или двајца пратеници поддржуваат одредени политики на Владата. Турската демократска партија, исто така, а гледа, како што кажа, амбиент и во некои други пратеници во парламентот што би поддржале вакви политики.

– Моја перцепција и перцепција на Владата е дека не треба секогаш да се брза на парламентарни избори. Вака споделената информација за бизнис-секторот значи стабилно да планира, граѓаните исто така да ги планираат своите активности, сите чинители во Република Македонија и го кажувам тоа што зависи од мене. Секако, ако некој друг провоцира, направи пресија или има причини за таа работа, ја оставaме отворена можноста – рече Заев.