Премиерот Зоран Заев се сретна со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, во рамките на неговата официјална посета на државава. На билатералната средба се разговараше за поддршката што Македонија континуирано ја добива од Грција на патот на евро-атлантските интеграции и за развојот на трговската размена и инвестициите помеѓу двете држави.

Грција е трет најголем инвеститор во Македонија, а претендира во следниот период да дојде на првото место. Преспанскиот договор е извонредна можност за зајакнување на културните и економските врски помеѓу двете држави, беше констатирано на средбата.

Дендиас рече дека без разлика кој е на власт во Грција, секоја влада принципиелно се залага за имплементирање на заклучоците од солунскиот самит, со кој се поддржува интеграцијата на балканските земји во Европската Унија. Тој додаде дека по барање на премиерот Мицотакис, во следниот период ќе ја интензивира својата лоби-агенда во европските центри на моќ, во кој ќе бара начин како Македонија што е можно побргу да го почне процесот на преговори со Европската Унија.

Премиерот Заев се заблагодари за севкупната поддршка што ја добиваме од владата во Атина и се осврна на потребата од зголемување на економската размена, но и подобрување и отворање нови инфраструктурни канали, кои треба да ја поддржат бизнис-заедницата. Премиерот Заев истакна дека кога бизнисот се развива, граѓаните во нашите две држави ќе имаат и подобар животен стандард.