Нашата намера е да ги паметиме, но никогаш да не им дозволиме да се вратат на сцена политиките на поделби и предизвикување конфликти, кои луѓето ги поделија на наши и ваши. Нека останат само во сеќавања, секако, за никогаш повеќе да не се повторат. Ова го истакна премиерот Зоран Заев вчера на отворениот ден за иницијативи на граѓански организации: „Консултација за изработката на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија“ што се одржа во Владата на РМ.

Толеранцијата, како што посочи премиерот, е најважниот услов за демократски односи меѓу различните социјални и општествени групи и, како што додаде, е појдовна точка за ставање крај на нетрпеливоста, омразата, тепачките по училиштата, на улиците или стадионите.

– Мене лично несфатливо ми е како во нашата заедница ѝ се протнаа злосторствата од омраза. Таквите појави не ѝ прилегаат на нашата земја, на едно демократско општество. Треба да направиме сѐ тие инциденти да бидат изложени пред јавноста и осудени – рече Заев и додаде дека треба да направиме сѐ за да ја запреме омразата, да им застанеме на патот на оние што сеат омраза и да не влегуваме во тој синџир на злото.

Наместо тоа, како што истакна Заев, треба да се слушаме, зошто само ако се слушнеме ќе успееме да се разбереме.

Министерството за правда, како што рече министерката Рената Дескоска, ги изработи и пушти во собраниска процедура измените на Кривичниот законик во кои се воведуваат кривични дела од омраза.

– Кривичното дело од омраза го дефинираме како дело мотивирано со непријателски однос, пристрасност или предрасуда кон жртвата како припадник на социјална група, или кон самата социјална група категорично предвидено со закон како казнено дело – рече Дескоска.

Во дефиницијата, како што појасни, содржани се три елементи: омраза, насилство и посебна основа за дискриминација на жртвата како припадник на определена група.
– Во таа насока во различни кривични дела има квалификувана основа за построго казнување, доколку одредено дело е сторено од мотив на омраза без разлика дали таа омраза е од етничка, религиозна или од каква било основа – додаде министерката за правда.