Среќен сум што граѓаните ги препознаа вистинските вредности и ни дадоа можност да ги продолжиме нашите прогресивни заложби за убава иднина на Република Северна Македонија, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во првото обраќање по изборите.

– Денеска концептот парите кај граѓаните го порази концептот обнова на режимот. Концептот на интеграција го порази концептот на изолација. Концептот што влече силно напред го порази концептот што сакаше да враќа назад. Концептот едно општество за сите, ги порази лажниот патриотизам, конфликтите и поделбите. И време е, конечно, сите мрачни и назадни концепти да завршат во неповратно минато, а партиите што нудеа вакви поразителни политики да започнат процес на реформирање – порача Заев.

Тој најави дека во следниот период ќе го спроведат сето она што им го ветиле на граѓаните пред изборите.
– На тоа се обврзуваме во следните четири години. Тоа го барате од нас – тоа ќе го испорачаме. Повеќе пари и повеќе ред во државата, за подобар живот! Тоа го можеме! Уште повеќе, уште подобро! И навистина ќе покажеме дека можеме, уште повеќе за нашата татковина, уште подобро за сите вас, за децата и внуците – рече Заев.
Според лидерот на СДСМ, новата влада ќе биде влада на граѓаните.