Во изминатите три години покажавме што значи вистинска грижа за земјоделците и земјоделството. Решен е долгогодишниот проблем на лозарите што имаа побарувања од „Повардарие“ и „Стефани“. За 8.000 денари се зголеми субвенцијата за развојните производители на грозје со површина 1 до 10 хектариз, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на средба со лозарите во Неготино, придружен од кандидатките за пратенички – Лолита Ристова и Љупка Стојанова.

Претседателот Заев истакна дека земјоделството е важна гранка во економијата и дека ќе продолжат инвестициите за нови приходи од плодната македонска земја.
– Преку финансиска поддршка од 3,5 милиони евра ги стимулираме преработувачите на грозје и винарниците да произведуваат нови продукти – алкохолен дестилат. Овозможуваме јавни приватни партнерства во лозарството преку модернизирање и ставање во функција капацитети во производство на преработки од грозје со цел понатамошно уште посилно развивање на лозарството како земјоделска гранка, која сè повеќе и повеќе извозува – рече претседателот Заев.

Осврнувајќи се на досегашните достигнувања, претседателот Заев рече дека се зголемија субвенциите, кои се исплаќаат редовно, навремено и неселективно, а трудот на земјоделците се цени и вреднува.

– За овие три години, овозможивме директна и индиректна поддршка во земјоделството во историски рекорден износ од над 430 милиони евра. Ја воведовме зелената нафта. 200 милиони денари завршија назад кај 55.000 земјоделци. Поддршката за млад земјоделец ја зголемивме од 10.000 евра на 20.000 евра. Се намали надоместокот за регистрација на винарска визба, и тоа за винарските визби со капацитет до 30.000 литри годишно намалувањето е од 10.000 денари на 1.500 денари, а за винарските визби со капацитет над 30.000 литри годишно намалувањето од 10.000 на 5.000 денари – наведе Заев и додаде дека до 2024 година се обезбедува целосно бесплатна 100 отсто субвенционирана зелена нафта за сите земјоделци, двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок за земјоделците, инвестиции во откупно дистрибутивни центри и големи плантажи и системи за наводнување, како и бесплатна едукација за користење ИПАРД-средства и современи технологии во производство.

– За следниот мандат финансиката поддршка во земјоделството ја планираме на 200 милиони евра годишно, или 800 милиони евра за цел мандат. Е, тоа е вистинска грижа за земјоделците. Затоа, на 15 јули земјоделците ќе изберат повисоки субвенции, сигурен пласман и повеќе пари во своите буџети и нема да дозволат никој повторно да гази врз нивниот труд – заклучи Заев.