Владата донела заклучок премиерот Зоран Заев да може да ги насочува дејствата во областа на финансиите и финансиските политики, како и заклучок заменичката на министерот за финансии Ширет Елези да ги преземе овластувањата и одговорностите за раководењето со ова министерство.

– На оваа седница беа донесени два заклучока. Првиот дека претседателот на Владата ги насочува дејствата на Владата во работите од областа на финансиите и финансиската политика и спроведување на програмските определби на Владата, во согласност со членот 11 став 1 и став 2 и членот 35 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија. Вториот заклучок на Владата е дека констатира оти се настапени условите по членот 48 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа во согласност со кои заменик-министерот за финансии ги презема сите овластувања и одговорности за раководењето на Министерството за финансии – рече владиниот портпарол Муамет Хоџа.

Овој заклучок на Владата следува откако поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски беше сменет при неодамнешната реконструкција. Премиерот тогаш најави дека истовремено ќе ја извршува и оваа министерка функција, но потоа се повлече поради ставот на Антикорупциската комисија за судир на интереси. Потоа најави дека ова овластување што го доби од Владата ќе го користи привремено до изборот на новиот министер за финансии. П.Р.