Премиерот Зоран Заев изрази жалење што неговото интервју за „БГНЕС“ предизвика толку негативни емоции, кои вели дека ги разбира.

– Никој не ги прашал Бугарите на референдум, за да можеме денеска цела Бугарија да ја квалификуваме како фашистичка – рече Заев, образложувајќи ги неговите ставови од вчерашното интервју.

Тој наведе дека и во Македонија имало соработници на окупаторите.

– Во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение. Треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме капацитет за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат – рече Заев.

Тој вели дека во 1948 се разладиле односите во тогашна Југославија и Бугарија и постоела железна завеса. Премиерот заедничката историја со Бугарија ја гледа во тоа што според него, во историјата имало луѓе што истовремено се чувствувале и како Македонци и како Бугари.

Заев за отстранувањето на спомен плочите каде пишува „бугарски фашистички окупатор“ вели дека тоа е во согласност со Договорот за пријателство со Бугарија.

– Во дел од плочите каде што пишувало бугарска фашистичка рака, бугарски фашистички куршум е оставено фашистички куршум, фашистичка рака, затоа велиме да не заборавиме, но низ простувањето да внимаваме. Тоа е направено на цела територија на државата, на многу места, најголем дел надлежни се самите општини – рече Заев.

Премиерот посочи дека не знае дали интервјуто ќе помогне, но оти тој сака да му помогне на македонскиот народ.

– Дајте да живееме денес, време е денес да создаваме историја, историја која обезбедува иднина за младите генерации. Не знам дали ќе помогне интервјуто, сакам да му помогнам на мојот македонски народ – одговори Заев на прашањето дали интервјуто ќе помогне или одмогне во прговорите со Бугарија.