Штотуку заврши лидерската средба која се одржа во Клубот на пратеници. Премиерот кажа за што разговарал со лидерите на политичките партии. Меѓу другото, изјави дека ги информирал лидерите за можната формулација на референдумското прашање, кое би се движело во следната насока: Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?

Заев го осуди демонстративното заминување на Мицкоски, кој ја напушти лидерската средбата со образложение дека не му бил јасен концептот зошто претставници на сите парламетнарни партии не се присутни.

-Граѓаните очекуваат од нас мудри и државнички одлуки. Нашата највисока патриотска должност, е да им ја обезбедиме иднината на нашите граѓани. Вечерва, ние кои сме за НАТО и Европската унија, се обврзавме дека тоа ќе го исполниме, а граѓаните на рефереднум ќе одлучат и ќе кажат „да“ за својата иднина. Сите ние кои останавме посветени до крај, на оваа лидерска средба, сите сме за влез на Македонија во Европската унија и НАТО. Заедно сме за успех на референдумот, на кој ќе одлучуваат граѓаните. Ги информирав лидерите за можната формулација на референдумското прашање, кое би се движело во следната насока: Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?, изјави Заев.

Премиерот Зоран Заев за утре во 12 часот закажа нова лидерска средба. 

На лидерската средба до крај останаа да присуствуваат премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со Радмила Шекеринска, Али Ахмети и Бујар Османи од ДУИ, Зијадин Села и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи и Имер Алиу од ДПА, Африм Гаши од едното и Билал Касами и Фадил Зендели од другото крило на Беса, Горан Милевски и Дуфе Кукоски од  ЛДП, Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, како и Тито Петковски и Горан Мисовски од НСДП.