Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратенички прашања на седницата во Парламентот посочи на активности што се преземаат и со кои, како што рече, се очекуваат конкретни ефекти против загадувањето.

Тој укажа дека проблемот со загадувањето е присутен со години и децении во нашата држава, но дека е сега видлив поради поставените мерни уреди, што е добро бидејќи главната свест за ова прашање расте и сите граѓани,а најмногу институциите може да реагираат ефективно.

Заев објасни што презема Владата во делот на гасификацијата, којашто значи употреба на природен гас, а со тоа и значително помало загадување.

-Жалам што ова прашање се отвори во последните година две како потребни интензивни мерки за негово решавање. Минатата Влада можеше да инвестира стотици и стотици милиони евра токму во овој проект кој е еден од приоритетите на оваа Влада. Како опозиција тогаш укажувавме цело време колку е важна навременоста на гасификацијата, поради економската и енергетската вредност, но пред и над сѐ поради еколошката вредност што природниот гас ја носи. За жал, не беше направено ништо. Гасификацијата денес се реализира, на 80 проценти од завршувањето на годината, со повеќе од 83 проценти во реализацијата на предвидените планови. Се работат двата главни коридора, коридорот Неготинo – Кавадарци и Прилеп – Битола и другиот, покрај Скопје, Tетово – Гостивар. Се извршуваат постапките за експропријација на Гостивар – Кичево. Сите општини добија налог, замолница, да ги работат главните проекти, така и градот Скопје за гасификацијата. Од поголемите градови, повеќе од 50 проценти веќе имаат изработено главни проекти, очекуваме да завршат општините од Градот Скопје, дел имаат завршено, Чаир, на пример, со конечна цел да се отвори дебата на готова проектна документација, кој е моделот што ќе се спроведе во Скопје и во другите градови. Гасифицирани градови, коишто имаат пуштено цевка во државата се Струмица и Куманово – рече Заев.

Тој соопшти дека методите за гасификација се: сопствени пари од буџетите на општините, тие да се задолжат како општини, државата да земе кредит да им помогне, или по пат на концесии и јавни партнерства, како и за интерес од повеќе светски компании коишто работат во оваа област.

-Очекувам дека во 2020 година ќе почне изградба на секундарни и терцијарни гасоводни системи, барем во поголемите десетина градови во државата, согласно одлуките на општините, како надлежни за нив – рече премиерот Заев.

За Скопје, премиерот Заев посочи дека градоначалникот веќе има набавено електрични автобуси и превозни средства за јавниот превоз.

-Не застануваме тука. Владата има намера да ги заврши своите работни состаноци со Градот Скопје и да влезе во проект којшто ќе го овозможи електричниот трамвај во Скопје, со проектирана вредност некаде околу 100 милиони евра. Сакаме како држава да влеземе во таков проект и заради јавниот превоз, да биде еколошки и економски за граѓаните и заради тоа што претставува конкретна мерка којашто ќе даде и тоа како голем придонес во севкупните напори на државата против загадувањето. Намерата на Владата е да повлече кредитна линија во 2020-та година, а постапката да ја почне уште сега, за да се заврши целата тендерска постапка во зимскиот период, за да може градот Скопје да влезе во имплементација и реализација на електричен трамвај на гуми – најави премиерот Заев.

Тој оцени дека загадувањето доаѓа од три главни извори: греењето, јавниот превоз и индустриските објекти, и дека се работи на сите три полиња. Тој рече дека МЗ има определено буџетски средства за системите за греење во многу болници, меѓу кои и болницата во Чаир, дека се работи за промена на целиот систем на котли и на греење, а дека ваква одлука од Владата има и за болницата во Куманово, за Затвор Скопје и за студентските домови.

Тој дополни дека инвестициите се насочени и кон обновливите извори на енергија: фотоволтаици и ветерници, за коишто дел од дозволите се издадени, а дел од системите се градат.