Со овие седници сме поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа за да ги слушнеме нивните укажувања за да ги одредиме приоритетите, изјави претседателот на Владата, Зоран Заев, пред одржувањето на редовната 171 седница на Владата во Куманово.

На седницата учествуваа и градоначалниците од овој регион регион, од општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане.

– Сакаме од градоначалниците на овие општини најнепосредно да ги добиеме информациите од интерес на граѓаните. Од тие информации, од она што го очекуваат граѓаните од овие општини и од овој регион да ги утврдиме нашите идни политики и одлуките за проекти кои може да ги реализираат општините со поддршка на централната власт – рече Заев.

Во текот на денот, на седницата вечерва ѝ претходеа повеќе теренски активности на замениците претседатели во владата, на министрите, замениците министри и на некои од директорите на јавните претпријатија и на акционерските друштва во сопственост на владата.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, извршија увид во работите на рехабилитацијата на регионален пат Куманово – Св. Николе. Станува збор за важна регионална делница која би требала да обезбеди побезбедно и поефикасно поврзување на северниот и северно-источниот регион на нашата земја со Свети Николе, а понатаму и со регионите во Штип и Струмица.

Министерот за здравство Венко Филипче ја посети општата болница во Куманово за да ја промовира новата опрема во болницата и да ги договори идните активности за доопремување со апарати за најсовремени здравствени услуги за граѓаните. Тој се сретна и со пензионерите со кои разговараше за укинувањето на квотите за лекови.

Во рамки на теренските настани, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, ја посети компанијата за месна индустрија Никси, како една од корисниците на ИПАРД програмата. Неговата цел беше да ги охрабри сите други мали и средни компании да продолжат да аплицираат за ИПАРД средствата.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, се сретна со корисниците на социјална пензија од Куманово и регионот. Социјална пензија користат над 4 илјади возрасни лица во земјата.