Ветото на Бугарија за почетокот на преговорите со ЕУ е неблагодарен гест, но Владата е посветена на европеизацијата на Македонија, истакнал премиерот Зоран Заев во интервју за луксембуршкиот весник „Ворт“ за време на денешната посета на Луксембург, како што пренесува МИА.

– Неблагодарно е што нашиот сосед Бугарија стави ново вето за нас. Главната цел е да се решат историските разлики во интерпретациите помеѓу Скопје и Софија – вели Заев одговарајќи на прашањето за влијанието на пречките со кои Македонија досега се соочи на патот кон ЕУ.

Премиерот е убеден дека може да се најде решение, но и оти остатокот од ЕУ треба да помогне и да докаже дека ги почитува европските вредности, како и дека историските спорови нема да бидат пречка за иднината на Македонија.

– Потребна е помош од другите земји-членки во Унијата која исто така треба да докаже дека ги почитува вредностите, а историските спорови не смеат да бидат пречка за иднината на земјата – рече Заев во интервјуто за „Ворт“.

Тој додава и дека Македонија се разочарала од ЕУ и поради набавката на вакцини против ковид-19.

Заев во рамки на денешната посета на Луксембург лобира за поддршка за формалното отворање на преговори со ЕУ и за надминување на ветото на Бугарија.