Премиерот Зоран Заев верува дека Франција нема да биде пречка за добивањето на датумот за преговори со Европската Унија. Одговарајќи на новинарско прашање, по свеченоста за доделување на наградите „11 Октомври“ во Собранието, Заев рече дека е отворена дебата во функција на идните методолошки пристапи во преговарачките процес, но Франција е голем пријател на земјава.

– Се бара методологија која ќе ги забрза преговорите, но може и да ги врати назад кога не успеваат државите. Тоа е фер позиција бидејќи ние не сакаме само да преговораме и да отвораме и затвораме поглавја. Сакаме да се трансформираме кон подобро и да станеме еднаква земја и народ со Европа и европските народи. Верувам низ потребата на Франција и други земји да се вгради една таква методологија, сепак, нема да биде пречка за донесување на одлуката за почеток на преговори со ЕУ – рече Заев.

Тој додаде дека нема земја која денес е членка на ЕУ или преговара со Унијата, а која направила повеќе од нас за да ја добие заслужената одлука за почеток на преговорите.

Денеска својот став го изнесе и францускиот амбасадор во земјава, Кристиан Тимоние кој од Куманово изјави дека датумот е едно, а друго се принципите.

Одговарајќи на новинарско прашање по свеченоста по повод 11 Октомври, Тимоние рече дека на Северна Македонија, по досегашните напори и она што допрва ќе следува, местото ѝ е во Европската Унија.

– Можам да ви кажам дека сме мотивирани за соработка – изјави Тимоние.