Премиерот Зоран Заев денеска изјави  дека одржал координација со парламентарната група и оти таа не го прифаќа Димитар Богов како кандидат за гувернер на Народната банка на Македонија, што е предлог на претседателот Ѓорге Иванов.

Побарал  средба со претседателот  и се надева дека таа ќе се случи бргу за да може да усогласат став затоа што до крајот на месецов треба да се избере гувернер.

– Ова е сериозна институција, јас верувам дека по пат на кохабитацијата и дијалогот којшто го имаме ќе изнајдеме решение. Правото е апсолутно на претседателот да предложи, но правото е и на парламентарното мнозинство да избере гувернер, изјави Заев. 

Оваа институција, дополни, мора да ја држиме професионална. Разговараме за експертски решенија, не за партиски решенија, кои што и понатаму би ја чувале монетарната политика стабилна, затоа што и нас како Влада тоа ни е од голема важност за да можеме да ги креираме другите економски политики, наведе Заев.

Тој истакна дека за предлогот на Иванов се информирал од медиумите.  Како што појасни, имал состанок со претседателот кон крајот на март,  на кој шефот на државата му кажал со кого разговара и со кого имал намера да разговара.

– Тогаш заклучивме дека прво треба тој да разговара со актуелниот гувернер Богов дали ќе прифати. Ако прифати Богов и претседателот одлучи да го предложи, би ми соопштил мене за да разговарам со парламентарното мнозинство. Јас за одлуката слушнав од Собранието и од медиумите. Значи немавме втор разговор, за после неговата одлука да направиме фаза на подготовка, разговори со парламентарното мнозинство. Како за предлозите за Уставен суд, така се случи и со предлогот за гувернер на НБРМ, се информиравме од медиумите, рече Заев.