Фото: Маја Јаневска - Илиева

Премиерот Зоран Заев пред пратениците ги образложи предлозите за нови министри. Со предлогот Нина Ангеловска да се избере за нов министер за финансии, Заев рече дека сака да ги мотивира младите и студентите дека може да добијат високи позиции. Тој посочи дека Ангеловска има 31 година, дека дипломирала на економски факултет како најдобар студент на генерација со 9.4 просек, основањето на „Групер“ и појавувањето во магазинот „Форбс“ како меѓународно препознавање на нејзиниот потенцијал.

За предлогот Хисен Џемаили да биде министер без ресор, Заев рече дека тој има богата политичка и академска кариера и дека очекува да даде сериозен импакт на економијата.

На дневен ред се и предлозите за тројца заменик-министри и избор на вицегувернер.

Речиси целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ се пријави да реплицира на експозето на Заев, за предлозите за нови министри за финансии и за подобрување на инвестициската клима. Репликите се однесуваат на различни прашања од областа на економијата, како и за случајот „Рекет“, но и барања за оставка од Заев.

Илија Димовски обвини дека правниот систем почнал да се разнишува уште од бомбите на Заев и дека е време за оставка.

Вељаноски, пак, побара кривично да се одговара за лажење на гласачите.

– Цело време нè убедувавте дека може во исто време да сте министер за финансии и премиер, па се повлековте и два месеца чекавме да предложите министер.
Во програмата ветивте дека ќе имате Влада со 20 членови, тоа не го исполнивте. Може треба да се стави во кривичен законик измама на избирачите, за тоа што сте ветиле, а не исполнивте – рече Вељаноски.

Заев реплицира дека соодветно на бројот на мандати барале проширување на коалицијата за стабилна Влада и тоа е причината што не е намален бројот на министри.