Ние не сакаме избори, но ако опозицијата се обиде да ја спречи иднината на државата кон ЕУ и НАТО поради лични калкулантски односи, тогаш ние ќе бидеме принудени да одиме на избори, вели премиерот Зоран Заев во првото интервју дадено по референдумот за BHTV1.

Во него Заев истакнува дека ќе сторат се што треба да се обезбеди потребното мнозинство во Парламентот за уставните измени, но доколку опозицијата се обидува да ја спречи иднината на Македонија поради лични интереси, тогаш ќе мора да се оди на избори. Уверен е дека ако оди на избори, ќе добие двотретинско мнозинство бидејќи, како што вели, над 80 проценти од граѓаните се за европска иднина на државата.

– Во суштина верувам дека и опозицијата е за ЕУ. Тие не се против. Но, тие пусти политички калкулации кои ги прават политичките кругови се причина за ова. Дури и лидерот на опозицијата, кој бојкотираше, ако го прашате дали е за ЕУ и НАТО, тој ќе ви рече „да“ и јас во суштина верувам дека тоа е точно, но тој сака да се врати на власт, а тогаш кога сака да се врати на власт, ја загрозува иднината на нашата земја, вели Заев, додавајќи дека доколку Македонија се движи напред кон евроатланската интеграција тогаш ќе се зголеми и БДП, ќе растат инвестициите и извозот, ќе се намалува невработеноста и ќе се обезбедат перспективи за младите да останат во државата.

Во интервјуто Заев нагласува дека одговорноста кај сите е голема бидејќи се работи за прашање кое е над него, над лидерот на опозицијата, надпартиско.

Во однос на формулацијата на референдумското прашање и дали тоа било причина за малата излезеност на 30 септември, Заев вели дека прашањето било така поставено бидејќи без договорот со Грција нема Еу и НАТО.

– Сите сме за ЕУ и НАТО, но исто така сите знаеме дека без Договорот со Грција нема ЕУ и НАТО. Затоа ова е единственото можно прашање. Договорот со Грција е направен за да го продолжиме нашиот пат кон ЕУ и НАТО. Едно без друго не може. Грција бараше да се разгранични регионот на Северна Грција, кој е Македонија, од нашата Република Македонија и најдовме правично решение – појаснува Заев, додавајќи дека е направен договор со кој се потврдуваат македонскиот идентитет и јазик.

Прашан како ја коментира излезноста во општините каде мнозинството е албанско население, премиерот Заев вели дека процентот на излезеност бил ист и кај Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците затоа што има голема миграција.

– Процентот на излезеност е нормален. Кога ќе ги видите бројките, ќе видите дека ние постигнавме излезеност од приближно 50 проценти од тоа што го имаме како гласачи во Македонија, затоа што во Македонија има околу 1,3 милион гласачи – појаснува Заев.
Во врска со реакциите на меѓународната заедница по референдумот, Заев рече дека меѓународниот фактор очекува Македонија да продолжи натаму и Парламентот да донесе одлука.