Во интервју специјално за „Нова Македонија“, за потенцијалните опасности од новата бегалска криза и предизвиците за регионот по најновите случувања говори Василис К. Фускас, професор по меѓународна политика и економија на Универзитетот на источен Лондон. Грчкиот професор е одличен познавач на меѓународната политика и геополитичките процеси што се случуваат во светот, а во својата долгогодишна академска работа објавил голем број трудови за меѓународната политика и економијата, кои се преведени на повеќе од десет јазици. Истовремено, тој е и основач на списанието за балкански и блискоисточни студии

Василис К. Фускас, професор по меѓународна политика и економија на Универзитетот на источен Лондон

Има ли потенцијал кај балканските држави за заеднички одгoвор на предизвикот од мигрантската криза, имајќи ги на ум разликите по редица прашања меѓу земјите од регионот?
Да, потенцијал постои и крајно време е државите да ги остават на страна недоразбирањата. Бегалското прашање е далеку поважно од сѐ друго. Влогот е многу поголем и се однесува на човечките животи и регионалниот мир. Критичен сум кон неоимперијалниот пристап на Турција кон регионот и особено кон начинот на кој таа го менаџира бегалскиот проблем. Еднакво сум критичен кон лицемерниот став на Германија и на ЕУ во целина: од една страна случуваат договор со Турција, а потоа не го исполнуваат. Турција е во право кога вели дека договорот од 2016 г. не е испочитуван, бидејќи ниту беа вложени сите финансиски средства, ниту дојде до релаксација на визниот режим спрема турските граѓани. Меѓутоа, Турција во случајов ги искористува бегалците – и не само нив. Во овие бранови може да се најдат голем број криминалци и џихадисти, а сето тоа служи како паричка за пазарење со НАТО и со ЕУ, во насока на договор со кој би ѝ се помогнало да се справи со Русија, со Асад и Иран во Сирија, како и во „чистењето“ на Курдите. Ова што стои зад сета оваа криза може да се опише само како хибридна војна. Но не смее да се заборави човечката димензија на случувањата. Грција и Бугарија прават голема грешка кога ја запечатуваат границата од копно и по воден пат, и тоа наспроти огромното мнозинство невини луѓе вклучени во бегалскиот бран. Она што треба да се стори е: прво, менаџирање на границите и внимателна регистрација (селекција и класификација) на бегалците во согласност со меѓународното и европското право; второ, изградба на привремени постројки, кои ќе обезбедат човечни услови за сместување на бегалците/мигрантите; трето, олеснување на нивното патување на север од Балканот (Австрија, Германија, Белгија, Холандија, Скандинавија), односно таму каде што тие сакаат да стигнат. Овие луѓе не сакаат да останат овде, бараат сместување во развиените земји на ЕУ. Ова треба да биде платформата за соработка меѓу балканските држави околу која би можеле лесно да се договорат. Германија и остатокот од ЕУ мораат да ја преземат целосната одговорност за сето она што е сторено или не е сторено по ова прашање изминатите години, вклучувајќи ги и суровите мерки на штедење што им беа наметнати на Грција и на Балканот, со што директно се уништија нивните капацитети да се справат со вакви кризни ситуации. Поради тоа, Балканот мора да соработува. Можете ли да ја замислите четвртата армија на Грција како се справува со еден милион бегалци во Тракија, кои сакаат да ја минат границата? Дали ќе пукате во тие луѓе? Не! Но тоа би значело војна меѓу Грција и Турција, бидејќи Грција ќе го затвори Егејот, Турција ќе се одмазди итн.

Постои ли опасност Балканот да прерасне во паркинг-простор за милиони мигранти пред вратите на Западна Европа?
Ах, секако. Тоа е дел од германската, а во извесен степен и од политиката на НАТО. Ова е една од причините поради кои тие го поддржаа Дејтонскиот договор, спакуван како „мировен договор“ со кој се заврши војната во БиХ, односно српската агресија. Вистинската причина е задржувањето на бегалските бранови од Балканот и етничката гетоизација на регионот, како што го објасни тоа Толис Малакос во својата извонредна статија објавена во списанието што го уредувам, „Списание за балкански и блискоисточни студии“, уште во 1999-2000 година по повод интервенцијата на НАТО врз Косово. Создавањето етнорелигиски енклави на Балканот и нивното спонзорирање на разни начини значи нивно втемелување, запирање на движењето кон центарот на Европа и нивно трансформирање во потрошувачи преку заеми од нивните банки. Тоа е европскиот модел за Балканот. А тој е неоколонијален и расистички, иако камуфлиран со хуманитарен наратив. Се разбира, ова не единствената причина поради која беше создадена БиХ. Тоа беше резултат и на американското настојување да има контрола врз влијанието на Германија во регионот.
Истовремено, БиХ е „мекиот стомак“ на НАТО што се шири кон исток, наспроти Русија – невозможно е да се остави регионот под контрола на Србија (видена како клиентелистичка држава на Русија) или на Хрватска (видена како клиентелистичка држава на Германија). Случајот со Косово е сличен: тој немаше ништо со човековите права, туку со нешто сосема друго. Во историјата понекогаш се случува геополитичките планови на империјалните сили да коинцидираат со некои други фактори на теренот, како домашните националистички агенди и сл. Истото тоа се однесува и на прашањето за името на Македонија.

Грчкиот остров Лезбос подолг период е дом на 22.000 мигранти и бегалци од Блискиот Исток и од Африка. Кои се најпроблематичните состојби со кои се соочува населението во овој дел од земјата?
Интересно е што ме прашувате за Лезбос. Прво, тоа е остров во северниот дел на Егејот, многу далеку од Сирија. Многу подобра опција за турско-сириските трговци со луѓе би било да ги пратат бегалците кон островите на Дедоканезите и Родос. Но тоа не се случува. Зошто? Верувам дека тоа е затоа што таму е вложен огромен странски капитал во огромни хотелски комплекси и туристичката индустрија. Сега да ја разгледаме ситуацијата на островот. Моментално на Лезбос се сместени речиси 22.000 бегалци – правнички, тие би можеле да се наречат мигранти или баратели на азил, но тоа не треба да нѐ засега многу бидејќи сите договори и Даблинскиот процес се веќе мртви. Локалната популација има околу 70.000 луѓе. Бегалците живеат во ужасни услови. Кампот во селото Мориа има капацитет од само 2.000 легла, а сите тие луѓе се втерани таму. Тензиите со локалните жители се огромни. Кога првпат почнаа да пристигнуваат, локалните жители – и самите од бегалски семејства од Мала Азија – ги пресретнаа топло: им понудија засолништа, храна, друштво, сѐ што можеше да се понуди во услови на сурова политика на штедење наметната на државата. Но бегалските бранови продолжија по еден краток период на смирување по потпишувањето на договорот меѓу Германија и Турција, во март 2016 година. Локалните жители станаа нетрпеливи и тензиите растеа. Со оглед на тековните тензии меѓу Грција и Турција во врска со Егејот и Кипар, жителите почнаа да гледаат на бегалците како на тројански коњ на Ердоган, кој сака да создаде исламски енклави на островите за да ја наруши политичко-етничката кохезија на Грција. Не треба многу за да се променат нештата. Улогата на НВО, и особено на ФРОНТЕКС, не беше од голема полза. Нивната цел, скриена зад хуманитарниот наратив типичен за неоколонијализмот уште од крајот на Студената војна, беше во насока на спречување на бегалците да го напуштат островот и да стигнат до континентална Грција, а потоа и до Европа. Тоа е стварноста. Можните решенија веќе ги кажав во одговорот на вашето прво прашање. Тие ги имаат предвид и хуманитарните и безбедносните аспекти, и на бегалците и на локалните жители. Постои само една сериозна пречка за имплементирање на таквото правично решение, кое би го поддржало мирот: а тоа е политиката на зависност на балканските држави кон НАТО и кон ЕУ. Империјализмот секогаш бил добар во користењето на максимата „подели, па владеј“. Стратегијата што ја предложив би дала успех само под услов сите балкански држави да се согласат и да соработуваат во таа насока.

На каква помош се надева Грција и колкав е ризикот по актуелните случувања за Македонија како соседна земја?
Засега, Грција се надева само на пари. Но ни тоа не е сигурно дека ќе го добие. Ако средствата воопшто и стигнат во Грција, нема да знаеме под кои услови ќе бидат дадени. Државните елити не ги откриваат деталите на ваквите зделки. Но многу нешта зависат и од тоа дали и како грчката дипломатија ќе капитализира од конфликтите што се одвиваат меѓу другите елити во НАТО и во ЕУ, а особено конфликтите внатре во турската елита. Би било погрешно да се верува дека турската држава е кохерентен организам без внатрешни контрадикции. На пример, постојат силни анти-НАТО и проруски/евроазиски фракции во рамките на државниот апарат, кои туркаат во насока на безбедносен сојуз со Москва. Мнозина не се свесни за ова. Оттука, ќе ме разберете, јас не би можел со сигурност да одговорам на првиот дел од прашањето, бидејќи постојат многу непознаници и можности од непредвидливи потези на голем број играчи што се инволвирани. Во однос на позицијата на Македонија, мојот одговор е директен: бегалците не сакаат да останат во Грција, Македонија или каде било на Балканот. Тоа го сакаат само земјите од центарот на ЕУ, а особено Австрија и Германија. Но ситуацијата може да стане критична доколку не дојде до договор меѓу Турција и Русија во врска со Сирија, а Грција и Бугарија продолжат да ја блокираат селекцијата на мигрантите од бегалците со одбивање да се менаџира редовен проток од нивните територии и во договор со соседните држави, како што предложив погоре.

Од хуманитарна и безбедносна перспектива на случувањата, може ли да се направи паралела меѓу настаните од 2015/2016 година и оние сега, и дали мигрантите се користат како нечија геополитичка алатка? Веќе ја споменавте употребата на бегалците од страна на Турција како оружје за постигнување зделки. Можете ли да објасните нешто повеќе?
Да, секако! верувам дека споредба може да се направи. Првата бегалска криза дојде среде длабоката криза во еврозоната, која беше донекаде запечатена со капитулацијата на СИРИЗА, по референдумот од јули 2015 г. Истовремено, додека сите беа загрижени и зафатени со економијата, ниту Грција ниту Европејците не можеа да го сфатат огромното хуманитарно и безбедносно значење на бегалското прашање врз иднината на Европа. Но тоа добро го знаеше Турција на Ердоган поради турското инволвирање во сириската криза од самиот нејзин почеток во 2010-2011 година. Морам да укажам дека разни западни агенции одиграа многу лоша и неспособна улога во Турција, обидувајќи се да се вмешаат во проектот за кршење на кемалистичкиот апарат, т.е. во играта на моќ што ја доби Ердоган, јакнејќи го своето авторитарно владеење врз целото општество и држава. Треба да се сфати дека Западот не е невин во однос на јакнењето на режимот на Ердоган. Тој и владејачката група отсекогаш беа свесни за фактот дека бегалците можат да се искористат како оружје во хибридна војна против Европа, заради остварување на турските интереси во регионот. Исто така, Ердоган испрати бегалци на Кипар, во северниот дел, кој е под турска окупација од август 1974 г., и тоа во два брана. Грчката власт на Кипар неодамна ги затвори граничните премини меѓу турскиот сектор и меѓународно признаената Република Кипар, при што како претекст беше искористен коронавирусот. Оттука, генерално, лесно може да се дијагностицира континуитетот на турската политика во однос на користењето на бегалското прашање како оружје, додека Европејците дури неодамна почнаа да го сфаќаат ова. Договорот меѓу Германија и Турција од 2016 г., кој е спротивен на меѓународното право и човековите права, не успеа, едноставно затоа што ниту еден договор не може да опфати политичката волја на воинствена држава, која е подготвена да користи невооружена популација на теренот за да им служи на нејзините политички планови на теренот.


Одењето назад кон 1914 година е кошмарна иднина!

Како би се рефлектирале актуелните состојби со мигрантите во иднина на грчко-турските релации и генерално на односите внатре во Европската Унија?
Според мене, сѐ ќе зависи од тоа дали Русија и Турција ќе најдат заедничка почва за соработка во врска со сирискиот проблем. Но дури и да дојде до договор, тоа ќе ги реши проблемите само на краток рок. Русија ќе продолжи да го поддржува режимот на Асад; курдското прашање ќе остане отворено; а остатоците од Ал каеда и ИСИС ќе оперираат во Сирија и на други места. Постојат извештаи, според кои, турската милиција што се бори во Либија не е составена од турски војници, туку од разни групи што останаа од Ал каеда, а што Турција ги вооружува. Не треба да заборавиме дека Турција доживеа голем економски раст изминатите две децении и дека заедно со Бразил, Јужна Африка и некои други земји од периферијата се смета за земја со среден економски статус. Турската економија моментално минува низ напрегање на капацитетите, а извозот на капитал е огромен. Турските бизниси и банки не се активни само во централна Азија, Блискиот Исток и Балканот туку и во Африка. Турција склучи „ексклузивна економска зона“ со Либија на сметка на грчките интереси. Ова не е затоа што земјата сака експанзија и јурисдикција надвор од своите граници. Војната е и останува примарно империјалистички зафат. Но доколку избие конфликт меѓу Грција и Турција, тогаш едната евентуалност е тој да остане локализиран, да трае неколку дена, на пример, но без решавање на споменатите прашања, вклучувајќи го и тоа со бегалците. Но тој може да инволвира и повеќе држави во регионот и глобално, па во тој случај ќе сведочиме за целосна катастрофа за која не сакам ни да помислам. Треба ли да кажам дека во таков случај ЕУ ќе престане да постои во сегашната форма и обем. Одењето назад кон 1914 година е кошмарна иднина!

[email protected]