Со години вакцинирањето е едно од најконтроверзните прашања во медицината. Во некои кругови, инокулацијата се смета за непотребна во најдобар случај, а во најлош случај дури и за опасна. Денес, една година по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, животот на милиони луѓе зависи од вакцинирањето против него

И додека многумина низ целиот свет едвај го чекаат вакцинирањето, одреден број луѓе стравуваат дека „ќе бидат принудени да бидат вакцинирани“. Во Германија, на пример, ова е теоретски можно затоа што Владата има законска основа да наметне задолжително вакцинирање. Сепак, според изјавата на германскиот министер за здравство, државата засега нема намера да го стори тоа.
– Ви го давам мојот збор, нема да има задолжителна вакцина за пандемијата – изјави неодамна германскиот министер за здравство Јенс Шпан, пренесува Хина, повикувајќи се на ДПА.
Во САД, оваа опција не е исклучена, но таквата одлука не може да се донесе на национално ниво, туку е во надлежност на секоја сојузна држава.

Разногласие во светот за темата вакцинирање

Њујоршката адвокатска комора во ноември донесе резолуција со која се препорачува задолжително вакцинирање ако доброволниот одзив не е доволно голем. Таквите мерки може да бидат засилени со забрани за влез на невакцинирани лица во баровите и во рестораните.
Експертите велат дека работодавците може да ги поттикнуваат вработените да се вакцинираат сѐ додека имаат легитимна причина за тоа.
Австралискиот премиер Скот Морисон уште во август истакна дека сака вакцинирањето да биде задолжително за сите граѓани веднаш штом ќе стане достапно. Националната авиокомпанија „Кантас“ сака да воведе задолжително вакцинирање за сите свои патници на интерконтиненталните летови.
Во Швајцарија е изводлива делумна задолжителна вакцинација.
– Законот го дозволува тоа, но само за посебни групи луѓе што се грижат за ранливите групи, како што се здравствените работници – рече Ана Леви, шеф на федералната канцеларија за јавно здравје.
Но повеќето други европски земји се потпираат на доброволно вакцинирање.
– Вакцинирањето нема да биде задолжително – истакна францускиот претседател Емануел Макрон во неодамнешното обраќање до нацијата.
Шпанија соопшти дека вакцината ќе биде доброволна и бесплатна во земјата.
Во Чешка, националната стратегија за вакцинирање бара таа да биде доброволна.

Програма за задолжително вакцинирање против најмалку една болест постои приближно во половина од земјите во светот

Италијанскиот премиер Џузепе Конте исто така рече дека се залага за доброволно решение.
Во Хрватска, каде што вакцинирањето против 11 болести, како тетанус, полиомиелитис, сипаници, туберкулоза и хепатитис Б е задолжително, официјалните лица засега не ја исклучуваат можноста да биде така и против коронавирусот.
Според истражувањето на агенцијата „Валикон“, објавено на средината на ноември, кога дневниот биланс на починати беше двојно помал од денешниот, дури 57 проценти од Хрватите изјавија дека немаат намера да се вакцинираат.
Во Словенија тој број е уште поголем и изнесува 60 проценти. Причините се главно недовербата и стравот дека вакцинирањето ќе зарази наместо да заштити.
Со оглед на популарноста на теориите на заговор во Унгарија, не е изненадувачки што таму повеќе од 50 проценти одбиваат вакцинирање, додава истиот извор. Русија е земјата што прва се пофали со произведената вакцина, но околу 60 проценти од испитаниците во анкетата на агенцијата „Левада“ изјавија дека немаат намера да ја користат.
Според студија на универзитетот „Мекгил“ во Канада, програмата за задолжително вакцинирање против најмалку една болест постои приближно во половина од земјите во светот, а во 62 земји има некакви санкции за одбивање на вакцинирањето, од парични казни до затвор.
– Програмите за вакцинирање се најефективната алатка за јавното здравје. При пандемија, високото опфаќање со вакцинацијата е особено важно на глобално ниво – рече водечката авторка на студијата Кети Гравања.