Деновиве, со повикувањето на Али Ахмети во Хаг во својство на сведок во врска со постоењето сомневање за сторени воени злосторства на Косово, меѓународната заедница потврдува за неможноста да застарат ваквите и слични сторени (не)дела. Тоа, пак, има силна порака за нашата земја и за заборавените наши т.н. Хашки случаи

Хаг пред нов предизвик поради нашето игнорирање на делата поврзани со воени злосторства

Деновиве лидерот на ДУИ Али Ахмети е повикан во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, за да сведочи за докажување вина за воени злосторства на високи политичари од Косово. Очигледно се потврдува максимата дека „правдата е бавна“. Но побитно е таа да биде задоволена. Во истиот контекст, надежта за задоволување на правдата се однесува и на нашите познати Хашки случаи за извршени воени злосторства од страна на терористичката ОНА на територијата на државава. Поради одредени околности, меѓу кои и мониторирање на функционалноста на нашиот судски систем, хашките предмети беа префрлени за решавање во Македонија. Но судот во Хаг, иако ги дал предметите во Македонија, не мора да значи дека прекинал да ја мониторира состојбата со нив. Тој во секое време може да реагира соодветно. Но едно е сигурно. Судот во Хаг никогаш не констатира дека некому му е дозволено со закон да ги прекине предметите.

Ставре Џиков, поранешен судија и државен јавен обвинител на Македонија, во својот осврт на актуелните случувања оценува дека кога ќе се споменат Меѓународниот суд во Хаг и т.н Хашки случаи за воени злосторства сторени во нашата земја, по автоматизам се добива перцепција дека говориме за политика, а не за правда и судство.
Џиков, навраќајќи се на четирите Хашки случаи, вели дека тие се стопирани поради силно политичко влијание. Имено, ставањето на предметите ад акта е производ на политички договор меѓу партиите. Но Џиков недвосмислено издвојува дека судските случаи поврзани со воени злосторства никогаш не застаруваат.
– Ваквите дела, како Хашките случаи, не можат да застарат ниту да се укинат. Тоа што политичарите во земјава се обидоа да ги укинат овие предмети во судовите, според стандардите на меѓународното кривично право е неважечко, односно секогаш во иднина овие случаи можат повторно да бидат обновени, бидејќи станува збор за дела што никогаш не застаруваат – вели Џиков.
Доказ за неможноста да застарат ваквите дела е актуализирањето на сличните настани на Косово. Имено таму, и покрај активното попречување од страна на косовската политичка елита да се процесираат случаите за пречекорување и тешко кршење на правилата на војувањето од страна на УЧК, меѓународните судови и натаму истите тие ги процесираат.

– Сево ова, пак, укажува дека очигледно постојат двојни критериуми. Имено, еден критериум да важи за сторените тешки кривични дела што се спречени да се процесираат во Македонија, а друг критериум со кој не се третираат делата поврзани за сторени воени злосторства за Косово. Во целата таа меѓународноправна, но и внатрешноправна папазјанија испаѓа дека Македонија е една жртва на една (меѓународна и домашна) политика што (флагрантно и недопустливо) се меша во судството – вели Џиков.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, пак, смета дека сѐ уште не се јасни причините зошто Али Ахмети замина за Хаг, иако тој самиот тврди дека е во својство на сведок.
Таа смета дека треба да се почека да се изјасни судот во Хаг и тогаш ќе добиеме пореална слика за што станува збор.
– Инаку судска практика е по дадениот исказ како сведок одредено лице да стане и обвинето или процесирано во одреден случај, а таков беше примерот со косовскиот политичар Хашим Тачи, против кого сега се водат и случаи за воени злосторства – вели Цаца Николовска.

Според судијката, неоспорно е дека политиката влијае врз судството и затоа нашата правна држава со години се „мачи“ да се стабилизира. Тоа најмногу од сѐ може да се препознае и во четирите Хашки случаи, кои од Меѓународниот суд дојдоа во македонските судови. Политичките власти еднострано одлучија случаите да не се процесираат иако никогаш во домашните судници не се утврди дали овие предмети беа „умрени или живи“, односно дали за нив „стоеше сторено кривично дело или не“.
Според Цаца Николовска, ако македонски суд одлучи да не постапува по одредени предмети, тоа не е гаранција дека меѓународниот суд ќе се согласи со оваа одлука! Цаца Николовска повторно ја нагласува природата на делата што се окарактеризирани како воени злосторства што никогаш не застаруваат.

– Сметам дека во оваа загатка, која сега повторно стана актуелна со заминувањето на Ахмети во Хаг, кога се говори за овие збиднувања, мене ми недостига моментот да го дознаеме и мислењето на Меѓународниот суд за тоа како гледа тој на одлуката на македонските власти да го прекинат процесирањето на делата поврзани со воени злосторства. Ако се изјасни оваа институција, верувам дека ќе ја добиеме целата слика за настаните. Односно, судот во Хаг никогаш не констатира дека некому му е дозволено со закон да ги прекине предметите. Имено Хаг, иако ги дал предметите во Македонија, не мора да значи дека прекинал да ја мониторира состојбата со нив и потоа да реагира соодветно – објаснува судијката.

[email protected]