Фото: СДСМ/Фејсбук

Гласањето на внатепартиските избори во СДСМ заврши во 19 часот. На еден час пред затварањето на гласачките места на вонредните избори за претседател на СДСМ гласале 40.220 членови, односно 78,5 отсто од активно регистрираните.

Од СДСМ соопштија дека гласањето течело мирно и демократски на сите 194 гласачки места, во 80 општини.

По обработка на податоците, Централната изборна комисија ќе ги соопшти резултатите од вонредните внатрепартиски избори.

Членовите на СДСМ денеска можеа да гласаат за Фросина Ременски, Димитар Ковачевски и Јован Деспотовски.

Зоран Заев беше избран за претседател на СДСМ во 2013 година. Во март годинава тој повторно беше реизбран на чело на СДСМ, но овој пат на непосредни внатрепартиски избори на кои можеше да учествува целото членство.

По вториот круг од локалните избори во октомври, Заев ја најави својата оставка од лидерската и од премиерската функција.