Џејмс Пердју во интервју за „Дојче веле“

Заврши времето за малтретирање на Македонија, истакна поранешниот американски амбасадор во Бугарија и еден од коавторите на Охридскиот договор, Џејмс Пердју, во интервју за Дојче веле, додавајќи оти Бугарија мора да биде бранител на членството на Македонија во ЕУ, а не противник.

– Ги следам настаните на Балканот. И се чувствувам близок и со Бугарија и со Северна Македонија. Мислам дека е грешка бугарската влада да го блокира процесот што ќе доведе до пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Напротив, Бугарија мора да биде бранител на членството на Северна Македонија во ЕУ, а не противник. Бидејќи влезот на Северна Македонија во ЕУ е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија – кажа Пердју, наведувајќи дека е сигурен оти Стејт департментот поддржува брзо решавање на проблемите помеѓу Македонија и Бугарија.

Поранешниот американски амбасадор е категоричен дека времето за малтретирање на Македонија заврши.

– Националистите во Бугарија гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Северна Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Северна Македонија заврши. Прашањата за историјата и јазикот не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете земји. На крајот на краиштата, Северна Македонија е суверена земја. И ниту една држава не треба да има право да принудува друга нација да ја менува својата историја. Историчарите и експертите нека ги расчистуваат контроверзните точки со текот на времето. Во меѓувреме, Софија треба да ја поддржи, а не да ја блокира кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ. Сè друго е кусогледо – заклучува Пердју.