Фото: Игор Бансколиев

Зборот одговорност во македонскиот речник има многу прецизно објаснување – обврска за совесно и добро извршување на примената должност, работа, задача, со прифаќање да се одговара за евентуалното лошо извршување, грешки, неуспех. Така е по дефиниција, но не и во реалноста. Во Македонија сиве изминати години имаше куп пропусти и грешки, но ретко кој презеде одговорност. Аналитичарите споделуваат интересни согледувања за тоа кои се причините за ваквите состојби

Последниот случај на мистериозно бегство на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков ја разбранува јавноста и повторно, којзнае по кој пат, ја истакна клучната слабост на општеството и таканаречениот македонски феномен на бегањето од одговорност и постојано префрлање на топката од еден на друг. Македонија речиси не памети некој политичар, функционер или институција да презеле одговорност за одредени пропусти, погрешни политики или одлуки, кои, за жал, изминативе години ги имаше во изобилство. Како по некое непишано правило, правдата секогаш, на еден или друг начин, им се лизнува од раце на оние што се задолжени да ја спроведат. Мистериозно ни бегаат високи функционери, политичари, доктори, стечајни управници и кој ли уште не.
Кога тоа се случува континуирано и со години, веќе не може да се оквалификува како поединечен инцидент или пропуст, туку како голема системска грешка, за чие исправање е неопходно целосно ресетирање на функционирање на државата и институциите.
Од друга страна, освен празни декларативните заложби за правна држава и владеење на правото, во реалноста нема ништо од тоа и државата низ вакви примери на бегства на високи функционери само служи за срам и потсмев пред меѓународната заедница.
По последниот случај на бегството на Мијалков на одговорност повикаа и претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и повеќето политички лидери во земјава, но клучното прашање што се поставува е дали некој воопшто некогаш презел одговорност во оваа држава.

Зборот одговорност во македонскиот речник има многу прецизно објаснување – обврска за совесно и добро извршување на примената должност, работа, задача, со прифаќање да се одговара за лошото извршување, грешките, неуспехот во тоа. Вака гласи дефиницијата, но во практика кај нас политичарите како да се оперирани од одговорност, па овој збор според нивното толкување значи обврска да се забошоти работата докрај, редовно вината да се бара кај некој друг, а неуспехот никако да не се признава. Се разбира, постои и градација на поимот одговорност и таа може да биде од различен вид и степен, па до моралната одговорност, како етичка категорија. Но она што најчесто го гледаат македонските граѓани е само префрлање на одговорноста од едно на друго место.
Врз овој принцип беше и завчерашното префрлањето на вината од МВР на Обвинителството и обратно, па на граничните власти и така во недоглед. Во суштина, префрлањето на одговорноста не значи преземање одговорност, туку само едноставно замајување на јавноста, која со право бара одговори и одговорност за виновниците.
Од друга страна, западните искуства говорат за нешто сосема друго, каде што одговорноста е главната одлика на големите политичари, кои често ја преземаат врз себе дури и кога не се директни виновници за одредена негативна појава. Не толку одамна австрискиот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка од функцијата затоа што на неговиот помал коалициски партнер во Владата му се случи скандал со компромитирачка снимка, а имало случаи и кога високи функционери ќе преземат одговорност и поради банални казни за неправилно паркирање.

Кај нас одговорност не се презема по никаква основа, ниту од политичка, ниту од морална, уште помалку од етичка причина. Кога не може да се утврди одговорноста, состојбите се повторуваат, а земјата назадува по сите основи.
Бегство на функционери – нема одговорност, нема вакцини среде пандемија, нема одговорност, широкораспространета корупција, нема одговорност, константно загаден воздух, нема одговорност, испразнети езера и искасапени шуми, нема одговорност и така во недоглед. Едноставно, за која било негативна појава што се случува во државата никој не презема каква било одговорност.
– Одговорност како збор во речникот на македонската политичка сцена не постои. Колку што паметам, само двајца министри досега имаат поднесено оставка, на едниот му беше прифатена уште пред 30 години, на другиот не. Од каде и да почнеме, можеме да видиме дека одговорност не постои. Барањето одговорност, каква било, се користи само за дневнополитичка потреба – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Според него, во Македонија јавноста нема доволно сила да изврши соодветен притисок за некој вистински да преземе одговорност.
– Не постои такво нешто, ниту, пак, силата на јавноста е толку голема за да може некој да преземе одговорност за одредена работа. Секојдневно имаме киксови од сите структури и нема одговорност. Нема одговорност за патот Кичево – Охрид, нема одговорност за пругата кон Бугарија, нема одговорност за бегството на еден куп луѓе, за немањето вакцини, така што кај нас стана нормално да се каже „океј, се случи“. Тоа покажува дека ние воопшто не сме зрели за демократија и втора работа е дека ова ни кажува зошто ЕУ не сака реално да нè прими во своето семејство – категоричен е Пекевски.

Тој додава дека блокадата на евроинтеграциите не е поради Бугарија, туку поради нашите постапки.
– Не е Бугарија виновникот, туку генерално ЕУ не нè сака. Европа не сака да внесе метастаза во својот организам и тоа треба да ни биде јасно. Проблемот сме ние, не Бугарија. Каде и да фатиш, нема одговорност – констатира Пекевски.
Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, неказнивоста во државата ја поврзува со корупцијата.
– Неказнивоста е многу сериозен феномен во Македонија и секако се должи и на корупцијата. Баравме одговорност и за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, но одговорност никој не презеде. Сега истата работа ни се случува во рок од две години. Треба да се утврдат пропустите на сите засегнати институции, и на Обвинителството и на Агенцијата за национална безбедност, сите што требало да обезбедат да нема никаков ризик од бегство – вели Пировска.
Според неа, оваа влада дава декларативни заложби дека ќе се бори против криминалот и корупцијата и сега токму со овој случај треба и практично да го покаже тоа.
– Мора да се спроведат постапки што ќе утврдат која институција направила пропуст и е директно одговорна за ова што се случи со бегството на Мијалков – истакнува Пировска.
И универзитетската професорка Билјана Ванковска смета дека никој во државата не презема одговорност за постапките.
– Наместо оставки, ние добиваме евтини крими-сценарија, ах да – и очекувања на ЗЗ (не знаеме колкави се од 1 до 10). Бидејќи ова не е држава, никому ништо! Сите ќе си лежат, ама нафатирани и под ладовина – наведува Ванковска во својата фејсбук-објава.
Социологот Илија Ацевски проблемот со непреземањето одговорност го лоцира во системот.

– Непреземањето одговорност е појава што системот ја продуцира. Сега се поставува прашањето кој е одговорен за бегството на Мијалков. Таков човек во Македонија, кој можете лично да го посочите за одговорен, едноставно не постои. Во ваква партизирана држава, кога во ингеренциите на институциите директно се мешаат партиите поставувајќи свои луѓе на моќни функции, тие ѝ одговараат само на партијата. Тоа е коруптивен систем што го штити само моќниот оти има полза од него – појаснува Ацевски.
Според него, на крајот повторно ќе се најде некој од пониските ешалони што ќе биде повикан на одговорност, само за да го амортизира притисокот на јавноста за откривање на вистинските виновници.


Спасовски: МВР постапило во согласност со процедурите

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера ги изнесе деталите за полициското постапување во критичниот период кога на првообвинетиот во случајот „Таргет-Тврдина“, Сашо Мијалков, му се губи трагата во моментот кога полицијата требаше да му го врачи решението за одредување домашен притвор.
Тој истакна дека лично не чувствува одговорност, бидејќи МВР постапило во согласност со процедурите, а посочи дека одговорноста треба да се бара во нефункционирањето на системот и се заложи за негово консолидирање наместо вперување на прстот и пронаоѓање виновници.
– Нема да бидам жртва на еден криминалец, ние треба да се избориме со таквите појави – рече Спасовски.

Првиот човек на МВР уште рече дека полицијата ги презела сите расположливи мерки за обезбедувањето на лицето и активно работи на пронаоѓање на бегалецот и негово приведување пред правдата.
Според него, Обвинителството требало навреме да реагира и да побара притвор, а не да чека до последен момент.
Спасовски негираше каква било можност бегството на Мијалков да е реализирано по претходен договор, а според нивните процени и сознанија бегалецот сè уште е во државата.