Фото: Игор Бансколиев

Тврдењата на претседателскиот кандидат на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, дека тој и неговото семејство биле следени 24 часа од тајни служби блиски до опозициската партија, отвораат многу дилеми во јавноста. Што мислат за ова експертите и политичарите

Има ли тајни параслужби што дејствуваат во Македонија и што се закануваат за безбедноста на политичарите и граѓаните, и дали постои опасност овие гарнитури да го нарушат демократскиот поредок на нашата држава. Ова се само некои од прашањата што се наметнуваат во домашната јавност откако претседателскиот кандидат на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, во телевизиска емисија изјави дека тој и неговото семејство биле следени 24 часа од тајни служби блиски до опозициската партија.
Пендаровски истакна дека откако било објавено дека е претседателски кандидат, по социјалните мрежи започнале да се објавуваат снимки и фотографии направени од тајна разузнавачка служба што го следи и за која се сомнева дека е блиска со една опозициска партија.

– Ова е само сигнал за насоката во која ќе се движи кампањата за претседател, само што ќе биде уште повалкана. Мене не ми се блиски подземни кампањи, јас ќе одговорам со аргументи и јавно. Остатоците од режимот не смеат да бидат толерирани, тоа е работа на институциите од оваа власт – изјави Пендаровски.

Тој напомена дека со сузбивањето на оваа појава треба да се справат институциите.
Нашиот весник побара одговори на ваквите тврдења и од институциите и од политичките партии.

Од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, овие тврдења на Пендаровски ги карактеризираат како класичен пример за тоа како дејствува матрицата на заевизмот.
Според опозицијата, тој знае дека повторно губи и од сега бара алиби за поразот и тоа со толку навредлива лага, што се израмнува со терминот стока што го употребува за граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа што Пендаровски е фотографиран од граѓаните како лаже и му ја прикажуваат дволичноста, за него се странски служби.

– Фатен во лага, фатен со лажна скромност, тој без трошка срам, обвини за следење од странски служби! Низ Скопје го следеле служби и го виделе во „југо“, го запреле, му дале да вози современ автомобил и го фотографирале за да го дискредитираат! Ете во тоа убедува Пендаровски, кој сака да биде претседател! Внимавајте, кандидат на власта, во втор обид да биде заштитник на криминалот и на заевизмот, фатен во лага како наместо „југо“, вози автомобил неколкукратно поскап, тој обвинува, внимавајте, бил следен од странски служби и тоа во корист на опозицијата – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, Пендаровски со ова јавно го посочува Оливер Спасовски, неговиот партиски противкандидат дека не работи и дека безбедноста е порозна и дека низ земјата роварат странски служби.

– Во период кога опозицијата е под силен политички прогон, се вршеа претреси на автомобили, сите се под присмотра и политичко-судски монтиран прогон; кандидатот на власта во втор обид за претседател, Стево Пендаровски вели дека низ државата „харале, снимале, фотографирале“ странски служби. Тоа е СДСМ, тоа е матрицата на заевизмот – лага, местенки, посочувања – коментираат од ВМРО ДПМНЕ.

Од друга страна, во текот на вчерашниот ден, од МВР не добивме одговори на нашите упорни јавувања и повици за да го дознаеме официјалниот став за тврдењата на Пендаровски и за тоа што презема полицијата да ги сузбие овие појави, доколку постојат, како и за тоа колку МВР навистина може да ја гарантира безбедноста за спроведување фер и демократски избори.

Од друга страна, поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, коментирајќи ги изјавите на кандидатот за претседател на власта, Стево Пендаровски, вели дека најверојатно тие не се произволно донесени туку се аргументирани со цврсти докази и факти, бидејќи една таква изјава не може да биде дадена без сериозни индиции и информации за ваквите случувања.

Поранешниот прв полицаец објаснува дека проблемот што го истакнал Пендаровски практично покажува една состојба што со години владее во македонската политика, во која политичките партии глумат разузнавачи и преку полициски методи прибираат информации за противкандидатите.

– Најголемите партии во земјата, од независноста па досега, честопати очигледно ги имитираат во дејствувањето тајните полиции и на тој начин се обидуваат да присоберат што е можно повеќе информации за противничките кандидати и за противничкиот табор, кои би им помогнале во изборите – вели Трајанов.

Тој објаснува дека овие параполициски партиски служби исто така можат да бидат и рефлексија на злоупотреба на безбедносниот сектор од одредени партиски центри на моќ, кои имаат влијание врз разузнавањето во државата.

– Во практиката дејствувањето на овие таканаречени параслужби најчесто е мотивирано од домашни политички центри на моќ, кои во дејствувањето најчесто практикуваат нечисти изборни кампањи. Овие центри во минатото преку класичните медиуми (печатот и телевизијата) ги девалвираа кандидатите на противниците, а сега тоа го прават помодерно преку Интернет користејќи ги социјалните мрежи – вели Трајанов.