Дали само индиции или цврсти докази на Хаг ќе бидат доволни за политичка одговорност

Какви предизвици за поединци во државниот врв, за партијата од која доаѓаат, за владината коалиција, па и севкупно за нашата држава, ќе имаат информациите публикувани во јавноста дека владиниот вицепремиер Артан Груби директно се поврзува со случајот за трговија со човечки органи, попознат во јавноста како „Жолта куќа“? Информациите за инволвираноста на поединци и групи (од земјава и од соседството) во споменатата афера предизвикаа шокираност кај пошироката јавност. Сепак, токму ваквите сензационални информации треба исклучително педантно да се иследат, потврдат или отфрлат, затоа што може да имаат силни последици на политичко-безбедносната состојба во земјава, но и во соседството.
Паралелно со лиферувањето на рециклираната афера „Жолта куќа“, во соседството, во Косово и Албанија, па и во земјава, сѐ поголема динамика добиваат хашките судски процеси за воени злосторства на водството на ОВК. Кај нас, пред помалку од еден месец, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, даде свој исказ пред хашките обвинители во својство на сведок, а набргу потоа и Артан Груби беше споменат како директен учесник во настaни што треба да бидат предмет на истрага.

Се очекува меѓународна разврска на обемен случај

Домашни и холандски познавачи на судската практика на Меѓународниот трибунал констатираат дека станува збор за комплициран случај, за кој допрва треба да се очекува разврска.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, во својот осврт на случувањата вели дека допрва ќе видиме што ќе се случува со последната разврска на настаните поврзани со случаите што се водат или ќе се водат пред меѓународните судови.
Имено, Цаца Николовска вели дека домашната јавност треба да знае дека доколку наводите на Артан Груби се точни, кои допрва треба да се утврдат, оти тој работел како преведувач за Хашкиот трибунал, тој истовремено бил облигаторно обврзан со документ да не смее да ја изнесува во јавност содржината на наодите во документите што ги преведувал.
– Оттука, ако е така и ако се земе временскиот период кога тој ја извршувал дејноста, кој не коинцидира со времето кога наводните злосторства биле спроведувани, тогаш е веројатно дека против него не би требало да се очекува некаква судска постапка. Но доколку има одредени информации за настаните што во овој момент не ѝ се познати на јавноста, тогаш е можно и да следуваат одредени истраги, но за сето тоа ќе одлучат преставниците на Трибуналот во процесот, кој е многу комплексен и е пред нив – вели судијката.

Кога говориме во доменот на хипотезата, ако одредена истрага заврши со некакви наоди против Груби или против Али Ахмети, тогаш е можно да се очекува преставниците на Трибуналот да контактираат со домашните власти за да договорат што понатаму со овие лица, кои ќе имаат пресумција на невиност додека не се докаже спротивното на суд.
Таа објаснува дека Македонија досега има практика за испорачување поранешни високи државници во случајот со Љубе Бошковски на Трибуналот и дека тие поминаа во контекст на законот.
Цаца Николовска вели дека овој проблем има и морална димензија, која може да се препознае во моралниот и етички кодекс на Владата како активен документ наменет за работата на нејзините функционери.
Според судијката, овој документ, кој нема облигационо својство, предвидува една морална димензија на настаните, која, пак, без докажана вина се примени кај Груби, како на пример во случајот со директорката Лидија Димова на Националната агенција, за која имаше информации дека сторила чин спротивен од законот во делот на дистрибуцијата на европските пари.

Трибуналот има тешки случаи пред себе, кои треба да ги реши во интерес на вистината и правдата

Хашкиот универзитетски професор Александрос Сарис, кој бил правен експерт и познавач на проблематиката за работата на Хашкиот трибунал, во изјава за „Нова Македонија“ вели дека на обвинителите од Трибуналот им претстои долга и макотрпна работа за да изградат соодветни и солидни обвиненија против членовите на ОВК во Косово, но и во регионот, кои биле припадниците на сличните организации.
Во својот осврт на актуелната проблематика, тој советува дека не треба да се избрзува со процени за настаните и како тие ќе се развиваат, затоа што зависат од многу правно-дипломатски фактори, кои се составен дел на меѓународното право.

Холандската амбасадае запознаена со работата на меѓународните судови

Во меѓувреме, побаравме став и од холандската амбасада во земјава на прашањето дали Холандија била запознаена со информациите дека нејзин ангажиран персонал во минатото, односно Артан Груби, се поврзува со информации за случаи на злосторства што може да се водат пред меѓународни судови.
От таму кратко истакнаа дека Холандија е запознаена со работата на меѓународните судови. И додаваат дека за понатамошни информации за конкретни случаи треба да се обратиме до релевантните институции.

Груби работел во Хашкиот трибунал од 1999 до 2004 година

Во изјава за „Нова Македонија“, вицепремиерот Артан Груби го повтори својот став по овие прашања за кои веќе говореше во медиумите.
– Работев за Хашкиот трибунал од 1999 до 2004 година и во албанскиот град Бурел бев заедно со иследникот на Хашкиот трибунал, по претходни наводи за наводни злосторства таму, и се утврди дека нема никаков случај. Во неговиот извештај го кажа тоа и се затвори. Бев службено како дел од Хашкиот трибунал. Секоја година се отвора оваа тема, едноставно моето сиви е јавно објавено на веб-страницата на Владата, претходно на Собранието, и сите знаат дека сум работел во Хашкиот трибунал од 1999 до 2004 година, во канцеларијата на обвинителката како преведувач, и тоа сум работел на истраги и во Македонија, Косово, Албанија, во Црна Гора и Србија и нема ништо спорно во мојот ангажман. Ако сте го читале обвинението, ќе забележите дека „Жолтата куќа“ воопшто не се споменува. Јас бев во Албанија во 2004 година, а наводите за направени злосторства се од 1998/1999 година.

Бевме таму како дел од истрагата, јас бев асистент на иследникот, но „Жолтата куќа“ воопшто не е дел од обвинението против претседателот на Косово, експретседателот на Собранието, туку други наводни злосторства од 1998 и 1999 година – вели Груби.
Според Груби, отворањето на случајот „Жолта куќа“ и неговото вмешување во случајот во Албанија е за предизборни цели.
– Во Албанија се одвива предизборна кампања и на обвинувањата помеѓу позицијата и опозицијата дека наводно лидерот на опозицијата бил дел од истрагата во „Жолтата куќа“ додека работел за УНМИК, во департментот за правда, оправдувањето на опозицијата беше дека не Баша, туку јас сум бил вработен во Хашкиот трибунал како дел од тој процес. Сето ова е дел од предизборната кампања во Албанија, во која не сакам да бидам дел, ниту да бидам инволвиран – вели Груби.

[email protected]