Весникот и понатаму ќе продолжи да ги негува асномските принципи на вистински народен лист. На вистина и објективност нѐ обврзуваат и Горно Врановци и нашето минато како прв македонски дневен весник. Зашто токму „Нова Македонија“ овозможи Македонците да станат свесни за своите корени и таква „Нова Македонија“ треба да им оставиме и на нашите идни поколенија. Ние тоа и го правиме, со секој нареден број и со секој испишан збор

ЈУБИЛЕЈ 77 ГОДИНИ НА ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ДНЕВЕН ВЕСНИК „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ денеска одбележува 77 години од своето постоење и од печатењето на првиот број на весникот во Горно Врановци. Јубилеј што во себе содржи многу вложен труд, знаење, искуство, непокор, љубов, емоции на генерации и генерации новинари и друг кадар, кои се вградија себеси во весникот. Јубилеј што има огромна општествена и историска вредност и значење, и за развојот на медиумите во земјата, но и воопшто за македонскиот народ и држава. Но и јубилеј со многу симболика. Затоа на самиот почеток прочитајте неколку збора токму за симболиката и годинешниот 77. роденден.
Виножитото, на пример, има седум бои, има седум чуда на античкиот свет, дури и небото, како синоним на бесконечност, е поделено на седум сфери.
Бројот седум се смета за среќен број во многу земји и култури. Затоа и игрите на среќа, нели, се поврзуваат токму со бројот седум и седумката на лото. Од таа гледна точка, ние во „Нова Македонија“, нашите читатели, соработници и поддржувачи може да се сметаме за двојно среќни. Зашто зад себе имаме не една, туку две седмици и одбележуваме големи 77 години. „Нова Македонија“ е нашето виножито, нашиот светоглед и нашето светло и бесконечно небо.

Поврзано со симболиката, ќе напишеме неколку збора и за денешната наша славеничка насловна страница. Петокраката отсекогаш била симбол на замислено идеално општество и уредување кон кое сите тежнееме. Некогаш таа беше симбол и на борбата против фашизмот, кој, за жал, и денес има свои корени и свои поддржувачи и внатре во Европската Унија и меѓу нашите соседи. Ѕвездата петокрака денес се наоѓа на знамињата на дури 57 земји од светот, а ја има и на знамето на Европската Унија. Во хералдиката, ѕвездата петокрака е симбол на вечноста и тенденцијата кон совршенство. Меѓу другото, такви се значењето и пораката и на нашата петокрака од насловната страница, која е со боите на Македонија и македонското сонце. Тоа е порака за вечноста на „Нова Македонија“ како прв македонски дневен весник, но и за вечност на македонската држава. Со свој зачуван идентитет, јазик, култура, историја како што е поставено и во постулатите од АСНОМ, кога во 1944 г. се раѓа македонската држава, а заедно со неа и „Нова Македонија“, како близнак со државата.
Затоа, во продолжение прочитајте неколку реченици и за улогата на весникот во минатото и сега.

Денешниот јубилеј и значењето на весникот добиваат уште повеќе тежина во светлината на актуелните случувања и обиди од некои соседни држави да се оспорат или негираат македонската историја, култура, јазик и идентитет. Токму на таквиот антицивилизациски, антиевропски, негаторски и криминален налет и удари врз македонскиот идентитет, посебност и јазик, „Нова Македонија“ се постави како најсилен бедем. За значењето и улогата на „Нова Македонија“ многу е кажано и пишувано низ годините. Сепак, по повод денешниот 77. роденден, вреди пак да се повторат и споменат барем неколку факти.
Во „Нова Македонија“ во 1945 година се објавува решението за македонската азбука, при што како нови букви во азбуката се воведуваат: ѓ, ќ, ѕ, љ, њ, џ. Со тоа, весникот станува буквар во македонските училишта, од кој младите генерации учат да читаат и да пишуваат. Тој бил и останува учебник по писменост, јазик, култура… Сѐ што е обележје на идентитетот на еден народ. „Нова Македонија“ единствена го чува и плакатот за референдумот за независност од 8 септември 1991 година, објавен на насловната страница на весникот. Со тоа весникот станува и нишка што спојува два Илиндена. Во ерата на глобалниот проблем и предизвик со лажните вести, „Нова Македонија“ останува еден од ретките медиуми што цврсто се држат до професионалноста и во кои се применуваат и почитуваат највисоките новинарски стандарди.
Да се опстои 77 години низ сите бури, премрежиња, искушенија, сцили и харибди низ кои минале и сѐ уште минуваат македонскиот народ и држава, а заедно со нив и „Нова Македонија“, и притоа секогаш да се биде на вистинската страна, на страната на вистината, историјата, традицијата, идентитетските обележја, јавниот интерес – со еден збор на страната на граѓаните, е исклучително тешка, голема и одговорна задача. Тоа е подвиг сам по себе, со кој ретко кој медиум, весник или новинска куќа од овие простори може да се гордее. Тоа ѝ успеало и ѝ успева само на „Нова Македонија“.

Во време кога многу весници на глобално и на локално ниво згаснаа, кога условите за опстојување и борба на пазарот стануваат сѐ потешки и понерамноправни, „Нова Македонија“ сѐ уште стои гордо и стамено на своите асномски принципи и на професионалните новинарски стандарди. Тоа опстојување не е ни малку лесно. Би рекле дури дека е и ѓаволски тешко. Но кога пиете вода директно од изворот, кога сте задоени со идеалите од Врановци и кога најсилна поткрепа ви е македонскиот народ, тогаш секоја пречка може да се совлада. Впрочем, на Македонија и на македонскиот народ никогаш не им било лесно. Не им е лесно ниту денес. Низ сиве овие години се насобраа многу бигор, многу неспокој, неправди, залудни надежи. Изгубивме многу години напразно.
Но македонскиот народ секогаш, и во минатото и сега, имал своја потпора, свој силен корен, стамен столб и истовремено искрена и топла прегратка, закрила и поддршка секогаш кога било потребно. Ја има „Нова Македонија“.

Весникот и понатаму ќе продолжи да ги негува асномските принципи на вистински народен лист. На вистина и објективност нѐ обврзуваат и Горно Врановци и нашето минато како прв македонски дневен весник. Зашто токму „Нова Македонија“ овозможи Македонците да станат свесни за своите корени и таква „Нова Македонија“ треба да им оставиме и на нашите идни поколенија. Ние тоа и го правиме, со секој нареден број и со секој испишан збор.
Денес, на својот 77. роденден, „Нова Македонија“ е синоним или второто име и за македонскиот јазик, име, идентитет, традиција историја, писменост, култура. Или како што своевремено ќе напише Коле Чашуле: „Ние во ’Нова Македонија‘ со јазикот и со напишаното изградивме структура на национален идентитет, не фикција, туку жив организам на идентитетот“.
Затоа „Нова Македонија“ е многу повеќе од весник. Тоа е мисија и жив организам на идентитетот.
Нека ни е честит роденденот и здружени заедно продолжуваме напред.

Од Редакцијата


При изработката не е користен фонт, туку нацртав оригинални графички форми базирани на постојните, нормално, со адекватна корекција на пропорциите и изгледот на буквите, вели креаторот Ласко Џуровски

Ново лого како роденденски подарок

Ласко Џуровски по повод 77. роденден на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ креира ново лого за весникот.
Досега весникот го користеше скенираното лого од првиот број на дневниот весник, објавен на 29 октомври 1944 година. Од големо значење е што сега насловните страници на „Нова Македонија“ ќе бидат испишани со ново автентично лого, креирано специјално за весникот.
– Новото лого на „Нова Македонија“ е, всушност, редизајн и приспособување на постојното лого на современите графички стандарди. Работејќи на овој редизајн, настојував, онолку колку што е можно, да ги задржам основните визуелни карактеристики на постојното лого. При изработката не е користен фонт, туку нацртав оригинални графички форми базирани на постојните, нормално, со адекватна корекција на пропорциите и изгледот на буквите.
Ме инспирира оригиналноста на типографското решение на постојното лого, воочив некои неправилности, кои, според моето видување на типографијата, сметав дека треба да се променат. Решив да се обидам да го направам тоа од љубопитство, да видам како би изгледало, но, како што многупати се случува, тоа некако ме повлече, ме заинтригира и не ми даваше мир додека не го завршив – ни изјави типографот Џуровски.

Тој вели дека навистина е задоволен со крајниот резултат.
– Голема чест и задоволство е да се дизајнира логото на првиот македонски весник, на чии страници е документирана и вткаена секоја нишка од македонската историја, нашата традиција, нашите тажни и радосни денови, успеси и неуспеси. Благодарение на „Нова Македонија“ остануваат запишани трагите што ние со нашиот живот и работа ги оставаме во времето. Да се биде дел и учесник во сето она што „Нова Македонија“ го прави низ годините ме прави навистина горд.
Најпрво ви го честитам роденденот, со желба да го славите уште многу, многу години, да напредувате, да се осовременувате и да бидете тука за нашите идни генерации, кои ќе го редизајнираат и ова мое лого во согласност со времето што доаѓа. Да сте ми живи и здрави сите вие, нашиот и ваш весник и нашата единствена татковина – Република Македонија – ни посакува Ласко Џуровски.