Иако самиот премиер Зоран Заев пред неколку месеци најави преземање „специјална акција“ против лажните вести, дезинформации, клевети и навреди, во меѓувреме, наместо да се ублажи реториката на социјалните мрежи и во јавноста, ситуацијата дополнително се проблематизира, независно од извинувањата што во голем број случаи потоа се упатуваат

Додека јавноста сѐ уште жестоко реагира на изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во која тој за новата министерка за финансии Нина Ангеловска употреби, според многумина, навредливи зборови, и сѐ уште се свежи реакциите што беа предизвикани од употребата на зборот „педер“ од страна на премиерот Зоран Заев, упатените потсетуваат на владината најава за преземање „специјална акција“ против лажните вести, дезинформации, клевети и навреди од пред неколку месеци.
Во меѓувреме, наместо да се ублажи реториката на социјалните мрежи и во јавноста, ситуацијата дополнително се проблематизира, независно од извинувањата што во голем број случаи потоа се упатуваат. Едноставно, употребата на непримерна терминологија понатаму предизвикува низа реакции, при што некои од нив повторно се со навредлива содржина, и така често доаѓа со масовна размена на навреди и клевети.

Тоа особено важи за информациите поврзани со политика, кои и најчесто се користат како можност и поттик некој да се етикетира и да се отвори жестока дебата.
– Ова само ја покажува политичката култура на нашата елита и, за жал, воспитувањето и образованието, културата на однесување и современоста на еден човек – коментира професорката по комуникологија Викторија Кафеџиска. Таа смета дека навредите и омаловажувањата се мода на политичката сцена, која треба да престане. Во исто време, Кафеџиска вели дека во земјава постои преголема концентрација на гнев и поделеност меѓу граѓаните, а тоа што загрижува е дека таквиот „вирус“ забрзано се шири, пред сѐ меѓу младите, поради долгогодишното чекање за влез на нашата земја во ЕУ и во НАТО.

– Секој изречен или напишан збор во медиумот е порака во општеството. Кога говорам за медиум, мислам за оној што потекнува од здраво општество, како во развиените западни земји, кои не користат навреда или омраза при својата секојдневна работа. Овде, за жал, го немаме тоа, поради што вирусот на приземно општество сѐ уште вирее во земјава – додава Кафеџиска. Професорката Кафеџиска вели дека неколкупати досега во своите изјави апелирала до сите општествено влијателни личности да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, оти тоа, според неа, во овие мигови е доста сериозна работа, која може да предизвика граѓански нереди од поголеми форми. Сепак, иако побаравме официјален став од Владата на прашањето до каде е акцискиот план што неодамна го најави премиерот Заев против лажните вести, дезинформациите и шпекулациите, клеветењата и заканите, дискриминацијата, но и навредите, до затворањето на весникот не добивме информација. Тогаш премиерот Заев рече дека во периодот што следува ќе излезе со итен план за оваа, како што рече, специјална акција против ширење дезинформации и клевети во јавниот простор. Според зборовите на премиерот, планот треба да биде усогласен со интересите на сите наши сојузници во НАТО и во ЕУ.

– Ова е нов аларм за нас и за целиот демократски свет, кој наложува силна потреба за сеопфатна, организирана борба против лажните вести, манипулациите и говорот на омраза – рече тогаш Заев.

Инаку, покрај ваквите изјави, кои често поттикнуваат и говор на омраза на социјалните мрежи, во последнава декада често се употребуваат и недолични зборови, како на пример на актуелниот премиер Зоран Заев, кој на пратеникот Влатко Ѓорчев неодамна на седницата за пратенички прашања му рече да не „паламуди“, или, пак, на Никола Груевски, кој кога беше премиер првиот опозиционер го нарекуваше „црпнат експонент“.