Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со последните именувања се зголемува бројот на жени дипломати во Република Македонија како претставнички на најмоќните држави во светот. За аналитичарите ваквиот тренд не е случаен и, во моменти кога Македонија се наоѓа пред огромни национални и внатрешнополитички предизвици, исклучително е битно што се врши поставување жени дипломати, кои доаѓаат од држави како САД и Велика Британија. На тој начин не само што се врши родова преродба во дипломатијата туку се внесуваат и свежина во процесите и нова перспектива, нов правец и професионализам во дејствувањето на меѓународната заедница во земјата

Со номинирањето на Кејт Мери Бирнс за нова американска амбасадорка во Македонија од страна на Белата куќа, на местото на Џес Бејли, во домашната јавност се добива впечаток дека се зголемува бројот на жени дипломати во земјава како претставнички на најмоќните држави во светот. Колку за потсетување, веќе неколку месеци во државата дејствува и новата амбасадорка на Обединетото Кралство, на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј, како и Лин Лисјен, која е нова амбасадорка на НР Кина во Република Македонија.
Во меѓувреме, освен овие новопоставени амбасадорки, на служба во Македонија се и многу други жени дипломати, а тука може да се вбројат амбасадорката на Швајцарија – Сибил Зутер, амбасадорката на Aвстрија – Рената Коблер, амбасадорката на Хрватска – Данијела Баришиќ, амбасадорката на Србија – Душанка Дивјак Томиќ, амбасадорката на Јапонија – Кеико Хенеда, амбасадорката на Украина – Наталија Задорожњук, турската амбасадорка – Тулин Еркал Кара и други.

Во меѓувреме познавачите на случувањата поврзани со родовата еднаквост и дипломатијата овие актуелни настани ги карактеризираат како охрабрувачки, напредни и демократски.

Силвија Митевска, претседателка на граѓанската организација „Такт“ и борец за родова еднаквост за актуелните случувања, истакнува дека се радува на состојбата што очигледно сѐ повеќе жени се поставуваат на клучни позиции и што тие се сѐ поактивни во процесите на донесувањето важни одлуки што се однесуваат на целото општество.

– Јас верувам дека колку едно општество е демократско може да се процени по тоа колку жените суштински се вклучени во процесите на носење битни и важни одлуки за истото тоа – вели Митевска.

Таа истакнува дека е задоволна од информациите што ги добива секојдневно од Европа и од светот, во кои се истакнува дека од ден на ден сѐ повеќе жени доаѓаат на клучните државни и раководни позиции, со што на овој начин се врши еднаква родова распределба на моќта меѓу мажот и жената.

Нела Ташковска, авторката на книгата „Дипломатија и феминизам: каде се жените во политичката медијација“, која истовремено е експертка по човекови права, истакнува дека развојниот процес на дипломатијата почнува да ги надминува родовите бариери.

– Овие бариери до пред определен период беа својствени за дипломатските конзуларни претставништва, бидејќи во кризните региони и подрачја постоеше практика, особено во Соединетите Американски Држави, да се именуваат исклучително мажи за амбасадори. Меѓутоа денес сме сведоци на фактот кој вели дека, поради глобализацијата, во моментов започнува процес на инвазивна светска демократија, односно на случувања што покажуваат дека во турбулентни времиња, како сега во политиката, се проширува дијапазонот на дејствување и во дипломатијата не се врши родова дискриминација туку се дозволува професионални женски кадри да продрат подлабоко во кризните региони – објаснува Ташковска.

Таа истакнува дека во моменти кога Македонија се наоѓа пред огромни национални и внатрешнополитички предизвици, исклучително е битно што се врши поставување жени дипломати што доаѓаат од држави како САД и Велика Британија, бидејќи на тој начин не само што се врши родова преродба во дипломатијата туку се внесуваат и свежина во процесите и нова перспектива, нов правец и професионализам во дејствувањето на меѓународната заедница во земјата.

– Јас верувам дека во овој период, впрочем, на Македонија тоа и најмногу ѝ е потребно – вели Ташковска.


И Македонија има силен женски тим во странство

Од друга страна, пак, и Македонија има свои жени дипломати што раководат со највисоките државни претставништва на нашата земја во странство. Според информациите објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи (МНР), во десет земји со амбасадите раководат жени дипломати. Во Белгија е Афродита Бајрами, дипломатската позиција на земјава во Британија, пак, е во рацете на Александра Миовска, во Естонија на оваа позиција дејствува Софија Ашикова, за Италија и Малта е задолжена Магдалена Димова, највисок македонски дипломат во Ватикан е Сања Митровска, додека, пак, во Словенија со амбасадорската функција раководи Бојана Јовановска, а истата позиција во Франција е во рацете на амбасадорката Јадранка Чаушевска Димов, додека во Шпанија дипломатското претставништво го раководи Тина Џеповска.
Во азискиот континент, Македонија е претставувана исклучиво од жени. Највисок македонски дипломат во Јапонија е Ана Деребан Блажевска, додека, пак, во Кина надлежна за дипломатијата е Зорица Ташковска.
Натаму, нашата држава има и свои искусни дипломатки во конзуларните претставништва, како на пример во Грција, каде што функцијата е во рацете на Ангелина Михировска. Во Габон, пак, Македонија има жена почесен конзул, а во име на земјата во оваа африканска држава говори Роланде Гибинга Буанга.
Во контекст на овие случувања, нема исклучок ни во практиката за највисоките дипломатски позиции да бидат раководени и од жени во меѓународните мисии и организации во кои членува Република Македонија. За претставник на земјата во ОБСЕ во Виена е одговорна Евгенија Илиева. Шефица на мисијата на Македонија во ЕУ во Брисел е Агнеза Руси, додека, пак, во НАТО е Шпреса Јусуфи. Постојаната мисија на Македонија при ООН во Њујорк е во рацете на Тања Диневска. Македонската мисија при УНЕСКО во Париз е претставувана истовремено од нашата амбасадорка во Франција, Јадранка Чаушевска Димов, додека, пак, прв секретар на Постојаната мисија на Македонија при ФАО во Рим е нашата амбасадорка во Ватикан, Сања Митровска.