Дали власта, покрај волјата, има кадар и капацитет да ги спроведе докрај неопходните реформи во судството, здравството, медиумите… е прашањето околу чиј одговор експертите се поделени

Десетици пати во изминативе години владини претставници, но и високи функционери, како од минатата така и од актуелната власт, најавуваа и се заложуваа за исполнување на итните реформски приоритети, односно на препораките од извештаите на тимот експерти предводен од германскиот експерт за владеење на правото Рајнхард Прибе. Но во практиката најавите не се исполнуваа докрај, а се чини дека во моментов сите подзаборавија на реформите и се фокусираат само на спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа.

Ваквите коментари на домашните познавачи на состојбите доаѓаат по изјавата на Прибе дека земјава сѐ уште се соочува со проблеми во владеењето на правото но и дека оваа влада, за разлика од минатата, има волја докрај да ги спроведе препораките. За разлика од овие тврдења на Прибе, во јавноста секојдневно има поплаки од министрите задолжени за ресорите што најмногу се вклучени во евроинтеграциите, дека постојат сериозни проблеми во процесите на имплементирање на реформите на терен, како и тоа дека земјава нема доволно капацитети и кадар за имплементација на ЕУ-стандардите. Ваквата констелација на состојбите наметнува дилема дали власта, покрај волјата, има кадар и капацитет да ги спроведе докрај неопходните реформи во судството, здравството, медиумите… Експертите имаат поделено мислење на оваа тема. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека ако се продолжи со досегашниот интензитет, тешко ќе се реализира сè што е договорено во однос на имплементација на реформите што се поврзани со забелешките на Прибе.

– Македонија е заинтересирана за спроведување реформи и тоа важи за сите влади. Тоа е принципиелно прашање, на кое сите работат, ама резултатите се слаби. Тоа е резултат и на капацитетите на власта да ги спроведе реформите, ама и на капацитети на општеството да ги прифати. Реформите се долгорочен процес, кој мора многу внимателно да се спроведува и на таа основа може да се очекуваат резултати. Не треба да бидеме нереални, бидејќи состојбите во општеството се такви што не можат да се променат со волшебно стапче. Критиките и пофалбите на Прибе се приватно и лично чувство, а неговиот извештај, кој се смета како некаква библија, беше заложба на Владата и е само една оцена на ЕУ што доби нагласено значење. Да не забораваме дека реформите се наш интерес и во тоа име треба пред сѐ да се спроведуваат – констатира Никовски.

Од друга страна, поранешниот амбасадор во НАТО Нано Ружин вели дека најверојатно само меѓународниот притисок може да донесе одредени резултати и поместување од ситуацијата во која се наоѓаме. Такви искуства имаме и од претходно. Ако се остави на нас самите, мислам дека тоа многу тешко ќе се заврши.

– Лично, неодамна остварив средба со Прибе и зборувавме за истите теми, при што тој покажа незадоволство во однос на брзината со која се одвиваат реформите во земјава и покрај заложбата на Владата, која, како што посочи тој, е на највисоко ниво во однос на сите претходни. Факт е дека Македонија сѐ уште е далеку од тоа дека располага со една европска флексибилна администрација и факт е дека во политиката, и покрај најдобрите намери, планови и амбиции да се реализира нешто, секогаш крајниот резултат се разликува од очекувањата. Но едно е точно, дека оваа влада, и покрај фактот што е оптоварена со спогодбата од Преспа, не смее и не треба да ја пропушти шансата за владеењето на правото. Доколку го поправиме тој сегмент, убеден сум дека земјава еднаш засекогаш ќе појде напред и ќе ги надмине сите оние препреки за кои ЕУ нѐ критикува, а се во сегментот на правото – вели Ружин.

Инаку, со исклучок на неколку екстремистички гласови од Грција и од Бугарија, огромното мнозинство европратеници завчера на дебатата пред гласањето за извештајот за напредокот на Македонија побараа преговорите за членство во ЕУ да започнат во јуни, но потсетија дека земјата мора да продолжи со исто реформско темпо.

Известувачот Иво Вајгл, но и други европратеници, потсетија дека не само Македонија туку и Европската Унија треба да ги исполни своите ветувања во однос на евроинтегративниот процес. Тој, како и многумина други, го поздрави преспанскиот договор, повика тој да биде потврден во македонското собрание и порача дека верува оти преговорите со ЕУ ќе започнат во јуни 2019.

– За ова е потребна инклузивна демократска атмосфера, сите треба да соработуваат, треба да се модернизира судскиот систем, да се почитува владеењето на правото, да се создаде простор за слободни медиуми, да се заштитат новинарите и да се води ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал – порача Вајгл.
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан истакна дека земјата се врати на евроатлантскиот пат и ги поздрави почнатите уставни измени, нарекувајќи ги храбар чекор, кој треба да продолжи без одложување.


ЕП гласаше за екстрадиција на Груевски

Европратениците ги усвоија двата амандмана со кои од Унгарија се бара да го екстрадира бившиот премиер Никола Груевски во Македонија. Групите на социјалдемократите и на зелените пред неколку дена поднесоа одделни амандмани на оваа тема, но се стравуваше дека оној на зелените нема да помине поради поостриот речник. Со амандманот поднесен од европратеничката на зелените, Јудит Саргентини, освен што се бара екстрадиција, се напоменува и дека Груевски побегнал од Македонија со дипломатска помош од Унгарија за да избегне затворска казна, што, според текстот, е мешање во внатрешните работи на Македонија и чин на презир кон судството и владеењето на правото во земјата. Во интервју за МИА завчера Саргентини изјави дека ваквиот речник е „знак“ и „политички сигнал“ дека Европскиот парламент покажува „карактер“.
– Тоа што Унгарија го прави е мешање во судските работи на една земја, која макотрпно се обидува да се подобри и да стане членка на ЕУ. И тоа не е конструктивно – изјави завчера Саргентини.
Социјалдемократите поднесоа два амандмана за азилот на Груевски, и двата беа усвоени вчера. Со овие амандмани, Европскиот парламент става на знаење дека Никола Груевски добил „транспарентен судски процес“ потврден од повеќе судски инстанци и потсетува дека тој е инволвиран во дополнителни пет кривични истраги.