За да се постигне договорот од Преспа, беа потребни решителност, посветеност и лидерство од двете страни и тоа е забележано со потпишувањето, преку процесот на ратификација во Собранието, истакна евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервјуто за „Радио Слободна Европа“, велејќи дека е оптимист дека договорот ќе помине во грчкиот парламент многу брзо. Договорот од Преспа, како што посочува Жбогар, е вистинско достигнување.

– Беше тежок, болен процес, но нашите лидери во Европа, земјите-членки на Унијата го препознаа тоа. Тие го ценат договорот и тоа што значи тој за двете земји и за регионот. Тие ги пофалија лидерите на двете земји за овој договор и речиси сум сигурен дека ќе го имаат тоа предвид кога во јуни ќе решаваат за отворање преговори – нагласува Жбогар.

Тој посочува дека размислува оптимистички и на позитивни решенија.

– Не мислам дека треба да размислуваме за негативни сценарија, туку треба да ја фокусираме целата енергија на исполнување на реформите. Да се постигне Преспанскиот договор, да се ратификува, да се смени Уставот, тоа бара многу посветеност, решителност, сила и самодоверба како нација. Само треба да го искористите истото тоа во спроведувањето на реформите. Ако ја видиме истата искрена посветеност кај реформите, не мислам дека треба да се грижите за тоа што ќе се случи во јуни – истакна евроамбасадорот.

Во врска со реформите во правосудството, тој вели дека допрва треба да се видат вистинските промени во судството.

– Вистинските промени би значеле дека судството е целосно независно, отпорно на влијанија од политиката, дека е имуно на самоцензура, дека е професионално, ефикасно, искрено, дека има доверба кај граѓаните, а тоа допрва треба да се постигне, се работи за процес, но со вистинска посветеност и решителност од страна на политичарите и пред сѐ од самото судство, мислам дека е достижно – додава Жбогар.

На прашањето за Законот за употребата на јазиците, Жбогар вели дека Уставот и законите се многу јасни во однос на надлежностите на властите што се однесуваат на усвојување, објавување и прогласување на законите.

– Не е до нас да оценуваме. Мислам дека Уставниот суд е единствениот што може да оцени како се спроведува Уставот или дали правилно се спроведува – истакнува евроамбасадорот Жбогар.