Eвроамбасадорот Самуел Жбогар, при денешната посета на Општина Новаци изрази надеж дека парламентот ќе го донесе законот за обвинителството со консензус.

Според него случајот „Рекет“ покажуава дека јавното обвинителство се бори против корупцијата и не гледа причина за политичка криза.

– Имате институции што функционираат. Јавното обвинителство функционира и Специјалното обвинителство функционира и ќе функционира до 15 септември. Специјалната јавна обвинителка Јанева си поднесе оставка и тоа го имаме во предвид. Сега политичките лидери имаат одговорност да најдат решение за идното функционирање на СЈО, а една од можностите е да биде интегрирано во рамки на Јавното обвинителство. Има доволно време да се најде решение. Веруваме дека парламентот ќе го донесе законот со консензус – рече Жбогар.

Новиот предлог закон за јавно обвинителство, којшто минатата недела го презентираше премиерот Зоран Заев, утре влегува во собраниска процедура. За носење на законот потребно е дво-третинско мнозинство. Според текстот на законскиот предлог, Специјалното јавно обвинителство ќе се интегрира во Јавното обвинителство за организиран криминал.