Фото: Игор Бансколиев

Иако од сите страни на политичкиот амбиент доаѓаат ветувања за решителност во борбата против општествените девијации, особено за оние што се генерирани од поединци носители на државната власт, во јавноста тие се доживуваат како празна реторика. Но има најави дека претстои бескомпромисна борба…

Нови ригорозни закони во најава

Во изборната кампања на последните парламентарни избори (а и во неколку кампањи претходно), борбата против корупцијата и високиот криминал, но и прочистувањето (ветинг) во судството како авансирање во правната држава, беа стандардната реторика на сите партии, а сега, во периодот на преговори за составување влада, сите претенденти за премиерскиот мандат тоа го истакнуваат како приоритет во програмата на својата идна извршна власт.

Се крчка остар закон за проверка на потеклото на имотот на функционерите

Во духот на таквите партиски приоритети, и од Државната комисија за спречување на корупцијата најавија дека ќе бараат донесување на закон за проверка на потеклото на имотот на функционерите. Иако од сите страни на политичкиот амбиент доаѓаат ветувања за решителност во борбата против ваквите општествени девијации, пред сѐ карактеристични за владејачките елити, во јавноста тие се доживуваат како празна реторика, но и уште еден показател дека во политиката досега многу се крадело и претставувала можност за брзо збогатување. Искуствата со старите (неисполнети) ветувања со речиси идентична содржина ја создаваат таквата недоверба, но го поставуваат и прашањето дали можеби некоја промена, како сѐ поголемата извесност за почеток на преговори за членство во ЕУ, претставува извесна надеж и гаранција дека политичарите посериозно ќе се зафатат со исполнување на овие ветувања.

– Постојат факти дека 30 години луѓето во власта крадат и лажат безочно и нема никаква основа да веруваме дека сега нешто ќе се преземе во насока на исполнување некакви изборни ветувања. Се работи за исти луѓе, со ист менталитет, исти навики, иста општа и политичка (не)култура, иста скудност во знаењето. Нема шанси за промена на таквиот однос, особено што системот во овие 30 години покажа дека е исплатливо да се краде и да се лаже. Политичките елити немаат никаков мотив, без притисок од масовниот дел од популацијата да променат нешто. Се покажа и дека притисокот однадвор, т.е. од меѓународната заедница нема таков ефект за квалитативна промена во борбата со корупцијата. Во соседството имаме земји што веќе се во преговори за членство во ЕУ, па „вријат“ од корупција (Србија и Црна Гора), а ист е случајот и со некои што се веќе и членки на Унијата (Бугарија и Романија). Промените може да се направат само со артикулиран и свесен внатрешен притисок во државата – вели економистот и поранешен гувернер на Народната банка, Петар Гошев.

Гошев: Во периодот на преговори за коалицирање за составување влада се прават најголемите корупциски зделки

Како доказ за неискреноста на политичките елити во ветувањата за справување со корупцијата, Гошев укажува на состојбата дека додека зборуваат за тоа во периодот на преговори за коалицирање за составување влада, всушност се прават најголемите корупциски зделки. Исто така истакнува дека корупциски дејства се случуваа и во време на изборната кампања.
– Истото тоа се однесува и на ветувањата за ветинг во правосудството. Па не можат политичките елити да донесат судии што ќе ги судат нив. Политиката го креира системот и не постои теоретска независност на судството.
Како основен предуслов за сериозна борба против корупцијата и високиот криминал, како и за реформи во судството, Солза Грчева, лидерката на партијата Глас за Македонија, вели дека треба да се променат десетици системски закони, да се донесат нов сет закони, но и партиите да се откажат од управување (поставување директори) во јавните претпријатија.

– Нам во законите ни се крие корупцијата. Во Собранието се гласаат закони, со кои фактички се легализираат корупцијата и крадењето. Законите се така креирани што 70-80 отсто од нив оставаат простор за корупција: почнувајќи од Законот за избори, преку законите за поддршка на иновации, за градежништво, па до Законот за јавни набавки.

Грчева: Секоја власт го унапредува системот што овозможува „легално крадење“

– Секој што доаѓа на власт го унапредува таквиот систем што овозможува легално крадење. Никако не им се зголемуваат ингеренциите на Државната комисија за спречување на корупцијата и на Заводот за ревизија, кои сега практично имаат само улога на „свиркачи“. Формално, имаме и закон за конфликт на интереси, во кој ништо не е дефинирано, па и понатаму сме потонати во непотизам, а индексот на борбата против корупцијата во Македонија е паднат на 35 и е најнизок од кога било – вели Солза Грчева.
Грчева потсетува дека и во препораките на Прибе стои дека за справување со корупцијата ни се потребни генерички реформи, а не само шминкање на законите, и пред сѐ партиите да се откажат од јавните претпријатија. Само така може да се создадат предуслови за функционална држава, а со присвојување на јавните претпријатија, имаме само партизирана држава.

Лидерката на Глас за Македонија не верува во декларираните ветувања на претендентите за формирање влада дека сериозно ќе се зафатат со такви системски реформи за борба со корупцијата и владеење на правото.
– Прво не верувам во сериозноста на нивните ветувања, затоа што имаат „црно сиви“ во борбата со корупцијата и владеењето на правото. За вистински реформи во правосудството, ветингот е слаба мерка. Потребно е рекомпонирање на системот, односно воведување граѓански модел на контрола на судството, кој функционира во скандинавските земји. Во спротивно, извршната власт секако ќе би има ставено раце врз судството – вели Грчева, која истакнува дека е иронично да се даваат ветувања за заложби за владеење на правото во ситуација на најголема изборна корупција и, според неа, крадење гласови на изборите и импотентност на власта да се справи со дивоградба во центарот на главниот град на државата.